• среда, 25 декември 2024

Ковачевски - Спајиќ: Северна Македонија и Црна Гора засилено се подготвуваат и на дело ја покажуваат подготвеноста за членство во ЕУ

Ковачевски - Спајиќ: Северна Македонија и Црна Гора засилено се подготвуваат и на дело ја покажуваат подготвеноста за членство во ЕУ

Скопје, 21 ноември 2023 (МИА) - Премиерот Димитар Ковачевски вечерва во Владата остварил средба со премиерот на Црна Гора, Милојко Спајиќ, кој е во работна посета на Северна Македонија заради учество на неформалниот состанок на лидери од НАТО од регионот.

Како што соопшти владината прес-служба, премиерот Ковачевски на својот црногорски колега Спајиќ му го честитал изборот за Претседател на Владата на Црна Гора, посакувајќи му успех и споделувајќи надеж за  одлична соработка во корист на двете држави и народи. Изрази задоволство што првата посета на премиерот Спајиќ по стапувањето на функцијата е токму на нашата држава, што зборува за блискоста на нашите земји.

Двајцата премиери размениле мислења за севкупните билатерални односи и оцениле дека истите се традиционално партнерски и пријателски и без отворени прашања, што дава основа за зголемен фокус во претстојниот период на развивање на економската соработка и инфраструктурното поврзување.

Како сојузници во НАТО, Северна Македонија и Црна Гора споделуваат и идентична надворешно-политичка цел, членството во Европската Унија и на тој пат се подготвени да работат заедно во остварување на критериумите и стандардите за членство, стои во соопштението.

На средбата присуствувале и министерот за финансии Фатмир Бесими и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска. нд/

Остани поврзан