Кање Вест веќе не е милијардер
- Сегашната финансиска состојба на музичарот сега паѓа на 400 милиони долари. „Адидас“ вчера ја објави својата одлука да го прекине партнерството со Вест, т.е. производството на линијата обувки

Лос Анџелес, 26 октомври 2022 (МИА) - Поништувањето на партнерството со „Адидас“ е голем удар за богатството на раперот Кање Вест. Тој сега и официјално веќе не е милијардер. Компанијата за спортска опрема ја прекина соработката со Кање, по повод неговите антисемитски изјави, објави „Форбс“.
Стручното списание го процени тој договор на Вест на 1,5 милијарди долари и нагласува дека финансиската состојба на музичарот сега паѓа на 400 милиони долари. „Адидас“ вчера ја објави својата одлука да го прекине партнерството со Вест, т.е. производството на линијата обувки и облека „Јизи“ (Yeezy) на раперот е веднаш прекинато. „'Адидас' не толерира антисемитизам и секаков друг вид говор на омраза. Неодамнешните коментари и постапки се неприфатливи, полни омраза и опасно ги нарушуваат вредностите на компанијата за различност и вклученост, меѓусебно почитување и правичност“, соопшти германската компанија. Овој потег доаѓа набргу откако и агенцијата за таленти CAA го отпушти Вест (45), а филмското студио „МРЦ“ одлучи да не објави завршен документарен филм за 24-кратниот добитник на „Греми“. На почетокот на овој месец, профилот на Вест на Инстаграм беше делумно блокиран, а и неговиот профил на Твитер беше заклучен поради објавите што се оценети како антисемитски. си/сд/