• недела, 22 декември 2024

Кампања на РСБСП „Користи зимска опрема“

Кампања на РСБСП „Користи зимска опрема“

Скопје, 11 ноември 2024 (МИА) - Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП) апелира до возачите да ја проверат подготвеноста на возилото за зимски услови на патиштата.

Во рамки на кампањата „Користи зимска опрема“, РСБСП ги потсетува возачите на моторни возила на законската обврска за поседување на зимска опрема во возилото (независно на тоа дали се вклучени во сообраќајот во населено место или надвор од населено место) од 15 ноември оваа година до 15 март следната година.

- Неповолните временски услови на патиштата (влажни коловози, пониски температури, врнежи на дожд и снег, намалена видливост) може да го зголемат времето на реакција на возачите, да ги деконцентрираат, да го продолжат сопирачкиот пат на возилото и друго. Затоа РСБСП советува да се провери возилото и да се подготви за зимските услови, да се почитува законската обврска за носење на зимска опрема и да се придонесе за побезбедно учество во сообраќајот на патиштата, велат од РСБСП.

Тие упатуваат апел до возачите на моторни возила: да бидат внимателни и да возат одговорно, да ги следат информациите за временските услови на патиштата, да го адаптираат возењето според условите на патот, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и патната сигнализација, да носат зимска опрема во возилото и да ја користат соодветно.

-Направете зимска проверка на возилото односно проверка на антифризот, маслото во моторот, течноста за бришачите на ветробранското стакло, проверете го акумулаторот и притисокот на пневматиците, обезбедете течност или спреј за одмрзнување на стакло, брави и друго, апелираат од РСБСП.

Оттаму ги потсетуваат возачите да одржуваат поголемо растојанието меѓу возилата, да избегнуваат нагло сопирање на возилото, да избегнуваат нагло намалување или зголемување на брзината на возилото.

- Да придонесеме за намалување на несаканите последици и зголемување на личната и безбедноста на другите учесници во сообраќајот, нагласуваат од РСБСП. ир/цр/

 

Фото:  РСБСП

Остани поврзан