Калас: Неприфатливо е нарушувањето на романскиот воздушен простор од руските дронови
- Високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска ја критикуваше повредата на романскиот воздушен простор од руски дронови за време на напад врз соседна Украина во саботата, оценувајќи го тоа како неприфатливо и обвинувајќи ја Москва за „непромислено заострување“.
Брисел, 14 септември 2025 (МИА) – Високата претставничка на Европската унија (ЕУ) за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, денеска ја критикуваше повредата на романскиот воздушен простор од руски дронови за време на напад врз соседна Украина во саботата, оценувајќи го тоа како неприфатливо и обвинувајќи ја Москва за „непромислено заострување“.
- Повредата на романскиот воздушен простор од руски дронови е уште едно неприфатливо нарушување на суверенитетот на една членка на ЕУ, напиша Калас на X.
Според неа, тоа „непромислено заострување ја загрозува регионалната безбедност“.
- Ја изразуваме солидарноста со Романија, додаде Калас.
Романија вчера соопшти дека дрон го нарушил романскиот воздушен простор за време на руски напад врз инфраструктура во соседна Украина, неколку дена откако Полска го осуди влегувањето на руски беспилотни летала на полска територија.
Романската армија испрати два борбени авиони Ф-16 за да ја следат ситуацијата во врска со бомбардирањето на украинската територија. Тие откриле дрон во воздушниот простор на Романија, се наведува во соопштението на Министерството за одбрана.
Леталото било следено сè додека не исчезнало од радарите.
- Дронот не леташе над населени подрачја и не претставуваше непосредна закана за населението во Романија, која, исто како и Полска, е членка на НАТО, соопшти Министерството. јт/