И покрај расположливите ресурси Европа бавно напредува во справувањето со ракот предизвикан од ХПВ
- Стручната јавност посочува дека најефикасен начин за спречување на смртни случаи како последица на канцерот предизвикан од ХПВ вирусот е вакцинацијата на млада возраст. Според експертите, појавата на ХПВ вирусот е речиси неизбежна кога лицата стануваа сексуално активни, бидејќи тој е „пренослив како настинка“.
Брисел, 23 јули 2025 (МИА) - Ракот на грлото на матката предизвикан од ХПВ вирусот може да се спречи преку вакцинација, како и да се открие во рана фаза преку скрининг. Но и покрај достапните вакцини и инструменти за скрининг Европа се соочува со бавен напредок во елиминација на болеста и во обезбедувањето мерки за спасување животи.
Ова беше посочено на конференцијата насловена „Забрзување на напредокот кон целта на ЕУ за елиминација на ракот предизвикан од ХПВ“ што се одржа во Европскиот парламент во организација на Европската организација за борба против канцерот (ЕЦО).
Според Светската здравствена организација (СЗО), мерките за елиминација на ракот на грлото на матката би можеле да резултираат со негово намалување на помалку од четири случаи на 100.000 жени. Најоптимистичките проекции укажуваат дека оваа цел Европа би можела да ја постигне дури до 2050 година.
Последните расположливи податоци покажуваат дека во земјите од Европската економска област (ЕЕА), која ги опфаќа ЕУ, Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, во 2022 година овој однос изнесувал 56 заболени на 100.000 жени. Таа година рак на грлото на матката бил дијагностициран кај околу 130.000 жени во ЕЕА, а 14.000 починале од ова заболување.
Но, ХПВ вирусот може да предизвика и рак на главата и вратот, кој е значајна причина за смртност. Така во 2022 година во ЕЕА биле дијагностицирани 86.000 лица заболени од овие видови рак, од кои дури 74 отсто биле мажи. Овие заболувања биле причина за околу 26.000 смртни случаи во таа година.
Стручната јавност посочува дека најефикасен начин за спречување на смртни случаи како последица на канцерот предизвикан од ХПВ вирусот е вакцинацијата на млада возраст. Според експертите, појавата на ХПВ вирусот е речиси неизбежна кога лицата стануваат сексуално активни, бидејќи тој е „пренослив како настинка“.
Најчесто човечките имуни системи самите се справуваат со инфекциите од ХПВ вирусот, без тој да предизвика трајни штети. Дополнително, само околу 10 отсто од над 200-те познати типови на ХПВ вирусот предизвикуваат рак.
Европскиот совет лани усвои препораки со кои повика на нивото на вакцинација на девојчињата против ХПВ вирусот да се зголеми на најмалку 90 отсто, како и да се иницира значително зголемување на бројот на вакцинирани момчиња.
Сите земји членки на ЕЕА нудат родово неутрална вакцинација против ХПВ вирусот, но само пет – Исланд, Кипар, Норвешка, Португалија и Шведска, ја достигнаа целта од 90 отсто вакцинираност на девојчињата.

- Има уште многу работа што треба да се направи, порача на Конференцијата главниот експерт во Европскиот центар за превенција и контрола на болести, Карам Адел.
Според него, постои огромна разлика во процентот на вакцинација помеѓу земјите од Западот и Истокот на Европа, при што во некои држави таа стапка кај жените е „далеку под 50 отсто“.
Адел посочи дека свеста за потребата од вакцинација против ХПВ и натаму останува ниска.
- Студиите постојано укажуваат дека без разлика дали станува збор за деца, млади или возрасни, луѓето не се свесни за последиците од инфекциите со ХПВ, истакна Адел.
Според него, од особена важност е континуираниот скрининг на населението, дури и на оние лица кои се вакцинирани, затоа што вакцините не ги опфаќаат сите типови на ХПВ вирусот со висок ризик.
Експертите посочуваат дека главни причини за недоволното ниво на вакцинација против ХПВ вирусот се скептицизмот кон вакцините, нецелосните регистри и недоволните средства за финансирање на национални програми за вакцинација.
Во здравствена студија изработена од професорот по медицински науки и експерт за здравствена економија, Мартен Постма, со која биле опфатени Австрија, Германија, Полска, Романија, Франција и Холандија, се проценува дека остварувањето на целта за ниво на вакцинација против ХПВ вирусот од 90 отсто до 2030 година, заедно со почитување на препораките за скрининг и третман на СЗО, на овие шест земји би им донеле потенцијална заштеда од 2,75 милијарди евра во периодот помеѓу 2030 и 2060 година.
- Вакцинацијата и превенцијата воопшто, треба да ги сфатиме не како трошок, туку како инвестиција, смета Постма.
Според потпретседателката на Комитетот за здравство на Европскиот парламент, Тили Мец за справување со болестите предизвикани од ХПВ вирусот мора да се работи на зголемено информирање на населението од ризичните последици од него, но и на образованието на младите.
- За навистина да го елиминираме ХПВ, ни треба прогресивно, инклузивно и научно точно образование, бидејќи опремувањето на младите луѓе со знаење е еден од најефикасните начини на превенција, заклучи Мец. сп/вг/
Фото: ЕЦО/МИА Архива