• петок, 15 ноември 2024

И годинава кичевските пензионери без бањско-климатска рекреација

И годинава кичевските пензионери без бањско-климатска рекреација

Кичево, 27 септември 2021 (МИА) - Втора година по ред кичевските, како и пензионерите во целата република, поради пандемијата со Ковид-19 не можат да ја искористат можноста да заминат на бањско-климатска рекреација, потврдија од Здружението на пензионери од Кичево.

-И годинава како и лани нашите пензионери со пониски пензии, поради пандемијата со Ковид-19 не можат да заминат на бањско-климатска рекреација. Состојбата е таква што ниту бањите каде што претходните десетина години престојуваа пензионерите не се расположени да примаат групи пензионери кои би ја користеле можноста на Министерството за труд и социјална политика за бањско-климатска рекреација, вели Душан Ристески, претседател на Здружението на пензионери од Кичево.

Тој посочи дека пензионерите кои претходната и оваа година биле избрани за да ја искористат оваа поволност, ќе можат да ја користат во периодот кога ќе се нормализираат состојбите поврзани со пандемијата.

-Групите пензионери кои беа одбрани во текот на минатата и оваа година, во периодот од март до ноември не ја искористија можноста да заминат на бањско-климатска рекреација. Нивниот избор останува да важи, тие имаат приоритет и ќе почне да се реализира во оние години кога  ќе се нормализираат условите, како и ризиците од инфицирање на гостите во бањите, додава претседателот Ристески.

Пензионерите оваа поволност  ја користат од 2010 година. за/мд/

Остани поврзан