• недела, 22 декември 2024

Италијански агент за продажба ќе го застапува македонскиот филм „Преекспонирано“

Италијански агент за продажба ќе го застапува македонскиот филм „Преекспонирано“
Скопје, 10 мај 2022 (МИА) - Македонскиот филм „Преекспонирано“, работен по сценарио и режија на Елеонора Венинова и во продукција на ДНФ Филмс, објави соработка со италијанскиот агент за продажба „The Open Reel“, кој ќе го застапува филмот пред странските фестивали и дистрибутери. Како што информираат од тимот, првата дестинација за „Преекспонирано“, кој е во последната фаза на пост-продукција, ќе биде Кан, каде што филмот ќе биде прикажан на 23 мај на затворена проекција. Според продуцентот на „Преекспонирано“, Гоце Кралевски, соработката со „The Open Reel“ била воспоставена на Филмскиот фестивал во Солун во октомври минатата година, каде што Венинова и Кралевски го претставиле филмот пред потенцијалните партнери. - На таа работилница имавме многу состаноци со потенцијални агенти за продажба, селектори на фестивали и дистрибутери, но „The Open Reel“ ни оставија најголем впечаток со непосредниот однос, искрениот пристап и страста која ја имаа за нашиот филм. Навистина сме среќни што тие ќе не застапуваат, затоа што во услови на хиперпродукција на филмови од целиот свет, навистина е значајно да имате партнер којшто ќе го промовира филмот и ќе се бори за него. Со нетрпение ја чекаме следната фаза за „Преекспонирано“, а тоа е премиера на филмот и негова презентација пред публиката во Македонија и странство, се наведува во соопштенеито. Станува збор за италијанска компанија за продажба на филмови која е фокусирана на артхаус филмови од млади режисери, а нивното портфолио содржи филмови кои имале премиери на големите фестивали, меѓу кои и во Берлин, Локарно и Торонто. „Преекспонирано“ е во финална фаза на пост-продукција и се очекува да биде завршен до почетокот на летото. Филмот е приказна за брачна двојка чијашто летна идила е нарушена кога кај нив ќе дојде да престојува ќерката на нивни блиски пријатели. Филмот е снимен на локации во Скопје и Охрид, главен продуцент е Гоце Кралевски од ДНФ Филмс, а копродуцент е Мирјана Томиќ од Лилит Филмс од Србија. Филмот е финансиран од Агенцијата за филм, Филмскиот центар на Србија и „СЕЕ Синема Нетворк“, а е поддржан и од европскиот фонд „Еуроимаж“. Главните улоги ги толкуваат Камка Тоциновски, Благоја Веселинов и Сара Климоска. Кинематографер е Лев Предан Коварски од Словенија, сценограф е Срѓан Митровиќ – Џиџи, монтажер е Гоце Кралевски, костимограф е Жаклина Крствка, а маската е дело на Горан Игњатовски. Музиката е на Линдзи Рајт од Велика Британија, а дизајнот на звук е на Дарко Спасовски. свс/сп/

Остани поврзан