• недела, 22 декември 2024

Истражување: Ван Гог имал делириум тременс

Истражување: Ван Гог имал делириум тременс
Амстердам, 3 ноември 2020 (МИА) - Познатиот холандски сликар Винсент ван Гог (1853-1890) најверојатно имал две фази на делириум тременс, кога одеднаш се обидел да се ослободи од алкохолот, посочува ново истражување на стручњаци од Холандија. Освен што бил врвен уметник, Ван Гог е познат и по тоа што си го отсекол левото уво при една расправија... Потоа тој порекнувал оти се работело само за обичен наплив на уметничко лудило, а подоцна негирал дека претрпел нервен слом. Сепак, истражувачите од Медицинскиот универзитет на Гронинген, се чини, ја открија позадината на неговата психичка состојба. Имено, истражувајќи ја неговата психа врз основа на стотици писма што ги испратил, претежно до неговиот брат Тео, тие откриле дека уметникот најверојатно имал две епизоди на делириум тременс, предизвикани од нагол прекин на алкохолот, откако тој си го пресекол увото. Докторите нагласуваат дека ова не мора да е 100 насто точно, затоа што „пациентот не е жив за да одговори на нивните прашања“. Делириум тременс е најтешка компликација на болеста алкохолизам и се јавува по ненадеен прекин на консумацијата алкохол. Можноста од смртност од овој чин порано била 35 отсто, а денес е околу три насто. Славниот уметник немал шизофренија, но страдал од „маскирана“ епилепсија, што може да предизвика анксиозност, заблуди и халуцинации. Во случајот на Ван Гог, епилептичните епизоди може да биле предизвикани од начинот на живот што го водел - тој злоупотребувал алкохол, бил неухранет, спиел слабо и бил психички исцрпен, како што велат истражувачите. - Иако неговите писма содржат доста информации, мора да имаме предвид дека тој не ги испратил до лекарите, туку до членови на семејството и роднини, за да ги информира за својата состојба. Затоа, нашиот извештај за Ван Гог нема да биде последен во врска со неговата болест, рече Вилијам Нолен, психијатар кој е дел од истражувачкиот тим. Во истражувањето се говори дека сликарот страдал од најмалку две психички болести - манично-депресивна психоза и нарушувања на личноста, но лекарите во тоа време не му дијагностицирале ништо. Винсент ван Гог почина на 29 јули 1890 година, два дена откако посегнал по својот живот.  си/

Остани поврзан