• понеделник, 23 декември 2024

ИСИЕ: Само 15 проценти од јавните претпријатија ги исполнуваат техничките услови за постапување по пријави на укажувачи

ИСИЕ: Само 15 проценти од јавните претпријатија ги исполнуваат техничките услови за постапување по пријави на укажувачи

Скопје, 6 јули 2023 (МИА) - Само 15 проценти од 44 анализирани јавни претпријатија ги поседуваат техничките услови за постапување по пријави на укажувачи, а истовремено само три од претпријатијата во период од 2020 до 2022 година примиле пријава од укажувач.

Тоа се наведува во  резултатите од „Студијата за процена на состојбите за постапување по пријави на укажувачи, транспарентност и отчетност на јавните претпријатија во Република Северна Македонија” изработена во рамки на истражувањето на Институтот за стратешки истражувања и едукација – ИСИЕ, спроведено во периодот од декември 2022 - април 2023 година преку проект поддржан од Амбасадата на САД.    

-Дополнително, Студијата забележа и ограничени човечки капацитети со оглед дека од 44 јавни претпријатија, само 19 од нив имаат назначено овластено лице за постапување по пријави на укажувачи. Слабости се забележани и во делот на интерните антикорупциски процедури и практики. Па така, 23 јавни претпријатија немаат подготвено годишни планови за процена на ризици од корупција (или слични акти),  36 јавни претпријатија немаат акти за спречување на  судир на интереси и 37 јавни претпријатија немаат интерни акти за примање подароци на вработени во јавното претпријатие од трети лица, информира ИСИЕ.
 
Анализата на студијата е насочена кон оцена на: техничките услови за постапување по пријави од укажувачи, кои се определени со Правилникот за заштитено внатрешно пријавување во јавен сектор, човечките капацитети кои се на располагање на јавните претпријатија, процедурите за постапување по пријава од укажувачи и односот на јавното претпријатие со основачот (општина или Владата). 
Во рамките на оваа студија направена е анализа на механизмите за прием и постапување по пријави на укажувачи во рамките на јавните претпријатија основани од единиците на локалната самоуправа во четири плански региони (Источен, Пелагониски, Полошки и Скопски Плански Регион) за периодот 2020-2022 година. Исто така, во рамките на истражувањето се опфатени и јавните претпријатија основани од државата (Владата), а коишто имаат седиште во рамките на општина во некој од наведените плански региони опфатени со истражувањето. Во оваа студија беа анализирани вкупно 44 јавни претпријатија од кои обезбедени се податоци за 43 претпријатија, додека од едно претпријатие не се добиени податоци. Исто така, во студијата беа опфатени 19 основачи (18 општини и Владата), од кои обезбедени се податоци од 17 основачи (16 општини и Владата), додека од два основачи не се обезбедени податоци.
 
Наодите од Студијата се презентирани на посебни работилници организирани во Штип, Битола, Тетово и Скопје во мај годинава со претставници на општини и советници во општински совети и совет на Град Скопје и на  јавни претпријатија основани од општините, Градот Скопје и Владата и граѓански активисти. Студијата е достапна на македонски и албански јазик на сајтот на ИСИЕ.лв/аа/

Фото: ИСИЕ

Остани поврзан