Иранскиот претседател пристигна во официјална посета на Ерменија
- Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пристигна во официјална посета на Ерменија, објавија ерменските медиуми.
Ереван, 18 август 2025 (МИА) - Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан пристигна во официјална посета на Ерменија, објавија ерменските медиуми.
На меѓународниот аеродром „Звартнос“ во Ереван беше пречекан од ерменскиот заменик-премиер Махер Григоријан.
За време на посетата на Ереван, иранскиот претседател утре ќе учествува на ерменско-иранскиот бизнис форум. Иранските државни медиуми објавија дека по посетата на Ерменија, Пезешкијан ќе ја посети Белорусија.
Претходно, иранскиот претседател изјави дека неговите претстојни посети на Ерменија и Белорусија ќе бидат насочени кон зајакнување на улогата на иранските приватни компании и развивање на веќе склучените договори, особено во областа на заедничките инвестициски проекти.
Според иранските медиуми Пезешкијан во Ерменија ќе разговара за создавање транзитен коридор во близина на иранската граница, планиран како дел од неодамнешниот мировен договор меѓу Ереван и Баку постигнат со посредство на САД.
Во Ереван, тој ќе разговара за планираното создавање транзитна зона низ Ерменија за поврзување на Азербејџан со енклавата Нахчиван, долгогодишно барање на Баку, но на кое долго време се спротивставува Техеран.
Според условите на договорот Баку-Ереван постигнат на 8 август во Вашингтон, САД ќе имаат права да го развиваат коридорот, наречен „Трамповиот пат за меѓународен мир и просперитет“.
„Присуството на американски компании во регионот е загрижувачко. Ќе разговараме за тоа и ќе ги споделиме нашите загрижености со ерменските претставници“, рече Пезешкијан пред да замине.
Иран долго време се спротивставува на коридорот, плашејќи се дека ќе го отсече од Кавказ и ќе донесе потенцијално непријателско странско присуство на својата граница.
Во последните денови, Иран ја предупреди Ерменија против каков било напредок во проектот, обвинувајќи ги САД за можни „хегемонистички цели во регионот на Кавказ“.
Ерменските власти „нè уверија дека никакви американски сили или американски безбедносни компании нема да бидат присутни во Ерменија под изговор за изградба на коридорот“, изјави денеска иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи. мс/
фото: ЕПА архива