• понеделник, 23 декември 2024

Иницијатива за чистење на Калиманско Езеро

Иницијатива за чистење на Калиманско Езеро
Македонска Каменица, 9 јануари 2022 (МИА) - Планинарското друштво „Планинар Саса“, Спортско риболовното друштво „Рибар“, како и Ловечките друштва „Хантер Бизиково“, Хантер Про“ и Агенцијата за обезбедување на лица и имот „Патриот АЛДО“ покренаа иницијатива за организирање акција за собирање на отпадот и шутот во водите на Калиманско Езеро. Александар Дончевски, координатор на акцијата и претставник на овие здруженија и спортски друштва информира дека акцијата ќе започне на 15 јануари 2022 година и ќе трае се до конечно и целосно чистење на езерото од отпадот. - Секој доброволец е добредојден и истиот може да се пријави на телефонскиот број 071 373 263. Колку повеќе се вклучиме во акцијата, толку побрзо ќе го исчистиме езерото и ќе ја спречиме огромната еколошка катастрофа. Добредојдена е помош од фирми, Зруженија на граѓани и Невладини организации, информира Дончевски. Очекува покрај пријава на членови од напоменатите здруженија учество и на поголем број на граѓански активисти и доброволци од целиот регион. Во таа насока координаторот на акцијата упатува повик до градоначалниците на општина Делчево, Македонска Каменица, Берово и Пехчево, според своите можности да дадат свој придонес во акцијата, напоменувајки дека за учесниците од страна на Здружението ќе биде обезбедена храна и топли пијалоци. Ова е прв конкретен чекор во чистењето и спречување на оваа катастрофа, што по надоаѓањето на река Брегалница му се случува на Калиманско Езеро. Како најголема причина за значителното контаминирање на водите на Калиманско Езеро со пластика, кеси и шут, се наведува енормното покачување на нивото на река Брегалница, која после обилните дождови кои го зафатија регионот пред неполн месец, која беше пред излевање и со себе го донесе и претходно одложениот отпад во самото речно корито. вс/цр

Остани поврзан