• петок, 22 ноември 2024

Иконому: Процените се дека приходите од туризмот ќе ги надминат оние од 2019 година

Иконому: Процените се дека приходите од туризмот ќе ги надминат оние од 2019 година
Атина, 5 септември 2022 (МИА) – Приходите на Грција од туризмот оваа година, според портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому ќе ги надминат оние од 2019 година, односно последното лето пред пандемијата кога изнесуваа 18,2 милијарди евра, јави дописничката на МИА од Атина. - Во текот на летото се создаде дополнителен фискален простор, од доброто извршување на буџетот и значителниот раст и покрај енергетската криза, а во оваа насока придонесе импресивното закрепнување на нашиот туризам, бидејќи се проценува дека овогодинешните приходи ќе бидат над 18,2 милијарди од 2019 година, истакна Иконому на денешниот редовен брифинг со новинарите. Тој објасни дека врз основа на досегашните податоци, во јули имало за 12 отсто зголемување на пристигнувањата на грчките аеродроми со кои управува компанијата „Фрапорт“ споредбено со јули 2019 година, а на островите во југоисточниот дел на Егејско Море пристигнувањата на почетокот на август се зголемиле за 17 проценти во споредба со истиот период пред три години. - На аеродромот „Елефтериос Венизелос“ во Атина во јули годинава во споредба со јули 2019 година имавме 29 отсто повеќе пристигнувања од Германија, 15 проценти повеќе од Франција, 39 отсто од Швајцарија, 19 отсто од Израел, 257 проценти повеќе од Србија и 177 отсто повеќе од Турција, посочи Иконому, додавајќи дека на пристаништата во земјата имало 5.000 пристигнувања на крузери, но и рекорден број на директни летови од САД на атинскиот аеродром. Тој говорејќи за економијата и мерките за поддршка на граѓаните истакна дека ќе продолжат во истата насока, а новите иницијативи ќе ги соопшти премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис в сабота на отворањето на Меѓународниот саем во Солун во традиционалниот говор. - Ќе се осврне на мерки од траен карактер кои ги надополнуваат нашите интервенции за намалување на оданочувањето и зајакнување на приходите на граѓаните. Ќе зборува и за интервенции од структурен карактер, мерки и стимулации против нарушувања на пазарот на трудот. Станува збор за политика која во изминатиот период успешно доведе до намалување на невработеноста и до отворање работни места во целиот спектар на пазарот. Ќе се осврне и на мноштвото мерки за поддршка на граѓаните во енергетиката, рече портпаролот на грчката Влада. Во однос на енергетиката, соопшти дека попладнево Мицотакис ќе одржи состанок на кој ќе се разгледа конкретното прашање. ср/ми/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан