• петок, 15 ноември 2024

Изменет правилникот за рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд – ќе се бодува дополнитена работа, менторство и делегирање

Изменет правилникот за рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд – ќе се бодува дополнитена работа, менторство и делегирање

Скопје, 29 мај 2024 (МИА) – Судскиот совет на 488 седница ги разгледа и донесе измените на Правилникот за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд, со кои се исполнуваат дел од препораките, нотирани во извештајот на Оценската мисија на ЕУ за работата на советот. Секоја дополнителна работа на судијата ќе се земе во предвид, а делегирањето на судиите со измените нема да се смета како казна, туку како награда и ќе додава бодови, а ќе се бодува и менторството на судиите и извршувањето на функции по завршување на мандати, како што е член на Судски совет, директор, заменик директор на Академија, судија на Уставен суд, јавен обвинител или судија на Меѓународен суд.

Претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, во образложението на точката рече дека измената и дополнувањето на Правилникот за начинот на рангирање на кандидатите за избор на судија во повисок суд, била неопходна активност во насока на имплементација на дадените препораки на Европската унија, нотирани во извештајот на Оценската мисија на ЕУ за што Судскиот совет усвои и акциски план.

-  Во текот на 2020 година беше донесен правилник за начинот на рангирање за избор на судии во повисок суд, но во текот на работењето и постапката за избор на судии се јави потреба од измена на одредени одредби по однос на начинот на рангирање на кандидати за избор на судија во повисок суд. Како препорака беше забрзување на процесот на оценување на работата во однос на унапредување на судии за да се пополнат одредени позиции побрзо, да не се чека предолго да се пристапи кон оценување на моменталниот нов систем и да се направат прилагодување каде што е потребно, изјави Дамева.

Временската рамка за спроведување на оваа активност во Акцискиот план, Дамева посочи дека е месец јуни 2024 годна, но со финансиска поддршка и проектот од ЕУ, измените и дополнувањата на Правилниот се направени многу порано.

-  Измените се во насока на реално верификување на резултатите и заложбата на судиите, а кои слабости беа констатирани и при имплементацијата на подзаконските акти. Во текот на постапките за избор во повисок суд Судскиот совет констатира дека со овој подзаконски акт, трудот и заложбата на судиите во текот на извршување на нивната судиска функција не е доволно земен предвид, па поради тоа се вршат овие измени. Секоја дополнителна работа, понатаму ќе се земе во предвид на судијата, а делегирањето на судиите со овие измени нема да се смета како казна, туку како награда и ќе додава бодови. Заради конзистентност во текот на постапката извршено е прецизирање и со тоа во иднина нема да биде оставен простор за дискреционо право на комисијата, изјави Дамева.

Измените и дополнувањата, појасни Дамева, ќе важат во иднина при распишување на нови огласи за избор на судија во повисок суд, а тековните постапки ќе бидат спроведени според досегашната правилник.

Членот на Судскиот совет Селим Адеми, рече дека измените се прави корекција на бодувањето.

- Ги менуваме критериумите во делот на стручно звање, каде е делот на јазиците, наместо вкупно 40 сега има 29 поени, затоа што се даваат на други. Досега се вреднуваше само докторскиот труд и се дуплираа бодовите, а делот на магистарски судии не се оценуваше. Сега одлучивме судијата да има еден бод ако има магистерски, а два бода ако има докторат. Во друга алинеја се прецизира што е публикација, а што стручно звање, за да го прецизираме. Исто така, во делот на образовните материјали за Академија, одлучивме тој допис да биде од Академијата, а не од кандидатите. Друга измена е тоа за познавање на странски јазик од ниво Ц, што беше 15 бодови, ги укинуваме и даваме 5 за ниво Ц, три за ниво Б и еден за ниво А . Исто така, прецизираме и дилема и ги бришеме тоа дека кандидат може познавањето на странски јазик да го докаже и пред Комисија на Судскиот совет, појасни Адеми.

Пријавувањето на кандидатите за доброволно делегирање во друг суд, посочи Адеми, ќе се бодува и на тој начин стимулира, а ќе се бодува и менторството на судиите и извршувањето на функции по завршување на мандати, како што е член на Судски совет, директор, заменик директор на Академија, судија на Уставен суд, јавен обвинител или судија на Меѓународен суд.аа/лв/

Фото: МИА архива

Остани поврзан