• недела, 22 декември 2024

Изложби на Љупчо Бојаров „Објекти - Теракота и фузирано стакло“ и на Каја Тасевска „Анемоја: Носталгија за свет што никогаш не го познавав“

Изложби на Љупчо Бојаров „Објекти - Теракота и фузирано стакло“ и на Каја Тасевска „Анемоја: Носталгија за свет што никогаш не го познавав“

Скопје, 16 декември 2024 (МИА) - Во Културно-информативниот центар – Скопје утревечер ќе биде отворена изложбата на академскиот уметник Љупчо Бојаров „Објекти - Теракота и фузирано стакло“ и изложбата „Анемоја: Носталгија за свет што никогаш не го познавав“ на Каја Тасевска.

На изложбата Љупчо Бојаров ќе се претстави со објекти, изработени во теракота и фузирано стакло. Теракота, како што појаснува авторот, е прастара техника на изработка на предмети од печена глина, а фузирано стакло е понова техника на обработка на стакло. Ќе бидат претставени 25 објекти изработени оваа година.

Љупчо Бојаров е роден на 16 август 1959 година во Скопје. Училиште за применета уметност завршил во Скопје во 1978 година. Дипломирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 1984 година и оттогаш е член на ДЛУМ. Живее и работи во Скопје. Добитник е на многубројни награди меѓу кои се и наградите од меѓународен карактер, во земјава, во Чехословачка, Шведска и Италија.

Бојаров учествувал на  голем број групни изложби во земјава и надвор, на 158 групни и меѓународни групни изложби, во Северна Македонија, Србија, Црна Гора, Чехословачка, Унгарија, Словачка, Шведска, Шпанија, Англија, Франција, САД, Грција, Египет, Италија и во Бугарија. 

Каја Тасевска, пак, на изложбата ќе се престави со 30 уметнички фотографии. 

- Свет обликуван од ехото на некогашните животи, бранувајќи низ времето, предизвикува емоции за минатото што никогаш не го допрев. Анемоја ги врзува овие фотографии во наратив за копнеж за епохи кои постојат само во фрагменти: во раскажаните приказни, во текстурите на ѕидовите во распаѓање и во архитектурата на заборавени спомени, појаснува Тасевска.

Таа лани имала една самостојна изложба „Visual journey“ во Брајсах, Германија, а учествувала на групни изложби во Австрија, Кина, ОАЕ, Италија и Словачка. 

Добитник е на следниве награди: „Alfred Fried Photography Award 2018: Youth Image of the Year“ - Виена, Австрија, „Head On Photography Festival 2018: Финалист“ - Сиднеј, Австралија, „Budapest International Photo Awards 2020: Бронsен медал“ - Будимпешта, Унгарија, „Young Art 2023: Прва награда“ - Скопје, Северна Македонија и Денови на македонска фотографија 2022 & 2024: Прва награда (младинска) - Скопје, Северна Македонија. 

Изложбите ќе бидат отворени до 15 јануари 2025 година. мд/са/

Фото: Љупчо Бојаров и Каја Тасевска

Остани поврзан