• недела, 22 декември 2024

Издавачот од Хонг Конг Џими Лаи првпат сведочи на суд

Издавачот од Хонг Конг Џими Лаи првпат сведочи на суд

Пекинг, 20 ноември 2024 (МИА) – Издавачот и активист за демократија Џими Лаи денеска првпат сведочеше во процесот од висок профил против него за наводно прекршување на контроверзниот закон за безбедност на Хонг Конг.

Лаи е основач на продемократскиот хонгконшки весник „Епл дејли“, кој беше принуден да се затвори откако беше цел на властите поради наводно прекршување на Законот за национална безбедност на Кина.

„Епл дејли“ ги поддржуваше основните вредности на „владеење на правото, слободата, стремежот кон демократијата, слободата на говорот, религијата и собирањето“, ја цитираа медиумите, вклучително и South China Morning Post (SCMP) изјавата на Лаи, во неговите први проширени коментари во речиси четири години.

Активистот додаде дека „секогаш се спротивставува на насилството во каква било форма“, објави SCMP, и дека ставот важи и за неговиот весник, пренесе ДПА.

Лаи во судот изјави дека верувал оти застапувањето за независност на Хонг Конг од Кина, за кое разговараа неколку луѓе во 2019 година, е „заговор“.

- Луѓето сакаат да влеземе во стапицата. Премногу е лудо да се размислува за тоа, ја цитира SCMP неговата изјава пред судот. „Затоа никогаш не дозволив ниту еден од нашите вработени во весникот да го спомне тоа“.

Лаи е обвинет за заговор за соработка со странски сили и за објавување бунтовнички написи. На почетокот на судењето, кое почна во декември 2023 година, тој се изјасни за невин.

Лаи (76) веќе е осуден на две затворски казни и е осуден на три години затвор. Доколку, како што се очекува, Лаи биде прогласен за виновен и во тековното судење, може да се соочи со доживотна казна затвор.

Законот за безбедност, воведен од Пекинг во јуни 2020 година по огромните протести за поголема демократија во Хонг Конг, масовно ги ограничува политичките права на опозицијата, како и на организациите за граѓански права. Законот е насочен против активисти кои Пекинг ги гледа како субверзивни, сепаратисти, терористи или заговорници. јт/

Фото: ЕПА

Остани поврзан