Одземени мобилни телефони и обемна документација во вчерашната акција во Одделот за општи и заеднички работи во МВР
- Полициски службеници од Одделите за сузбивање на организиран и сериозен криминал, за крим-полиција и за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, вчера по насоки на надлежен Јавен обвинител, а во врска со предистражни дејствија поврзани со работењето на Одделот за општи и заеднички работи при МВР, извршија претреси на 16 локации врз основа на наредба издадена од Судија на претходна постапка

Скопје, 6 февруари 2025 (МИА) - Во акцијата што беше спроведена вчера во Одделот за општи и заеднички работи во Министерството за внатрешни работи биле извршени претреси на 16 локации и запленета е обемна документација и мобилни телефони.
Како што информираа денеска од МВР, активностите биле преземени во координација со Јавното обвинителство околу предмет којшто е во предистражна постапка, а се однесува на злоупотреба и договарање меѓу економски оператори и вработени во Одделот за општи и заеднички работи во МВР во врска со спроведена јавна набавка за потребите на Министерството.
Мобилните телефони и документацијата ќе бидат дел од натамошна анализа и вештачење, а како што информираше МВР, извршени биле и службени разговори со повеќе лица. сст/бак/
Фото: МИА архива