• недела, 22 декември 2024

Извештај на УНДП: Повеќе од милијарда луѓе во светот живеат во акутна сиромаштија, од кои повеќето се деца“

Извештај на УНДП: Повеќе од милијарда луѓе во светот живеат во акутна сиромаштија, од кои повеќето се деца“

Њујорк, 17 октомври 2024 (МИА) - Повеќе од милијарда луѓе во светот живеат во акутна сиромаштија, а повеќе од половина од нив се деца, се истакнува во извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), објавен денеска, а по повода Меѓународниот ден за борба против сиромаштијата.

Извештајот, објавен во соработка со Оксфордската иницијатива за човечки развој и сиромаштија (OPHI), нагласува дека стапките на сиромаштија се три пати повисоки во земјите погодени од војна, при што во 2023 година во светот е регистриран најголем број на конфликти од Втората светска војна.

УНДП и OPHI го објавуваат нивниот повеќедимензионален индекс на сиромаштија (MPI) секоја година од 2010, а податоците се прибираат од 112 земји, каде што живеат вкупно 6,3 милијарди луѓе.

Показателите што се користат вклучуваат недостиг на соодветно живеалиште, јавна здравствена заштита, електрична енергија, гориво за готвење, исхрана и присуство во училиште.

MPI за 2024 година открива отрезнувачка состојба: 1,1 милијарда луѓе се соочуваат со повеќедимензионална сиромаштија, од кои 455 милиони живеат близу до конфликти, рече главниот статистичар на УНДП, Јанчун Жанг. - За сиромашните во земјите погодени од војна, патот до основните потреби е многу поостра и очајничка битка, појаснува тој.

Извештајот ги одразува минатогодишните наоди, според кои 1,1 милијарда од 6,1 милијарда луѓе во 110 земји се соочувале со екстремна повеќедимензионална сиромаштија.

Резултатите објавени денеска покажуваат дека околу 584 милиони лица помлади од 18 години се соочуваат со екстремна сиромаштија, што претставува 27,9 проценти од децата во светот, споредено со 13,5 проценти од возрасните.

Исто така, извештајот покажа дека 83,2 проценти од најсиромашните луѓе во светот живеат во субсахарска Африка и јужна Азија.

Според извештајот, Индија е земјата со најголем број луѓе во екстремна сиромаштија, која погодува 234 милиони од нејзините 1,4 милијарди жители.

По неа следат Пакистан, Етиопија, Нигерија и Демократската Република Конго. Речиси половина од 1,1 милијарда сиромашни се наоѓаат во овие пет земји. ссм/

фото: архива

Остани поврзан