• понеделник, 18 ноември 2024

Извештај на Индексот на одржливост на граѓанските организации за 2021: Влошени финансии, но зголемен ентузијазам

Извештај на Индексот на одржливост на граѓанските организации за 2021: Влошени финансии, но зголемен ентузијазам
Скопје, 16 ноември 2022 (МИА) - Влошување на финансиската одржливост на граѓанските организации и покрај благото подобрување на правната рамка, бележи Извештајот на Индексот на одржливост на граѓанските организации во Северна Македонија за 2021 година, кој денеска го промовираше Балканската мрежа за развој на граѓанското општество – БЦСДН. Извештајот, како што посочуваат од БЦСДН, кој ја опишува одржливоста на секторот преку седум димензии, бележи влошување на финансиската одржливост во текот на 2021 на сметка на благото подобрување на правната рамка. Влошувањето се должи на дополнителното кратење на државните фондови за граѓански организации од централните и од локалните буџети и покрај владината стратегија за соработка со граѓанските организации во која е наведено дека „државните фондови треба постепено да се зголемуваат додека не достигнат 30 проценти од вкупниот приход на граѓанските организации”. И покрај тоа што во 2021 година успешноста на застапувањето е оценета како непроменета во однос на претходната година, претставниците на организациите сметаат дека вклучувањето на граѓанскиот сектор во консултативните процеси има повеќе декларативно одошто суштинско значење. - Иако финансиските импликации како последица од справувањето со Ковид-19 кризата делумно ги спречија или променија активностите на организациите, јавниот углед на граѓанските организации во 2021 беше без посериозни уназадувања, се наведува во Извештајот. Според БЦСДН, оваа состојба се должи со неуморното компензирање на граѓанските организации со нивната неоспорлива експертиза, присутност и вложување во проактивна комуникација со граѓаните, наместо одговарање на јавните напади. - Земајќи ги предвид настаните од 2021, можеме да забележиме дека целокупната одржливост на граѓанските организации, која според оваа методологија ја мериме преку седум различни димензии, остана делумно непроменета. Усвојувањето на неколку стратегии и други законски измени означува благо унапредување на правната рамка, но долгоочекуваните реформи во законската рамка за граѓански организации и понатаму беа одложувани, што укажува на недостиг на политичка волја и приоритизација на прашањата важни за секторот,  изјави Ања Босилкова-Антовска, координатор на политики и застапување во БЦСДН. Балканската мрежа за развој на граѓанското општество – БЦСДН го подготвува Извештајот на Индексот на одржливост на граѓанските организации од 2014 година, како дел од изданието на Индексот на одржливост на граѓанските организации за Централна и Источна Европа и Евроазија, подготвен од УСАИД и ФХИ 360. фф/сп/

Остани поврзан