• недела, 22 декември 2024

Извештај за состојбата на европската Енергетска унија: Намалени емисиите на штетни гасови и зголемено производството на енергија од обновливи извори 

Извештај за состојбата на европската Енергетска унија: Намалени емисиите на штетни гасови и зголемено производството на енергија од обновливи извори 

Брисел, 11 септември 2024 (МИА) - ЕУ успеа да ги справи со критичните ризици за безбедноста на снабдувањето со енергија, да ја врати контролата врз енергетскиот пазар и цените и да ја забрза транзицијата кон климатска неутралност, се наведува во денеска објавениот Извештај за состојбата на Енергетската унија за 2024 година на Европската комисија. 

Според извршниот потпретседател на ЕК за Европскиот зелен договор и меѓуинституционални односи Марош Шефчовиќ, Извештај го покажува невидениот напредок што го постигна  ЕУ во зајакнувањето на Енергетската унија, намалување на емисиите на штетни гасови и зголемување на учеството на енергија од обновливи извори во енергетскиот систем на блокот. 

- Треба брзо да ја спроведеме новата политика и регулаторна рамка за справување со зголемените цени на енергијата и да го забрзаме развојот на инфраструктурата, истакна Шефчович. 

Тој оцени дека последниве години ЕУ ја научила лекцијата од прекумерната зависност од еден добавувач со енергенси, па затоа во следниот период ќе се насочи на обезбедување на конкурентност на ова поле, што ќе биде клучно за напорите за остварување економски раст. 

Еврокомесарката за енергија Кадри Симсон, пак,  оцени дека Извештајот покажува оти ЕУ повеќе не е оставена на „милост и немилост на гасоводите“ на рускиот претседател Владимир Путин, како и дека блокот останува посветен на поддршката на украинските партнери во пресрет на зимата. 

Еврокомесарката за енергија , Кадри Симсон, се заложи дека ЕУ ќе ги здружи силите за да и помогне на Украина да се справи со енергетската криза и да ја преброди зимата.

- Извештајот го истакнува напредокот што го постигнавме кон безбеден, конкурентен и достапен енергетски сектор во ЕУ. ЕУ е добро опремена да спроведува големи промени, да се справува со предизвици што и претстојат и да ги исполнува своите обврски кон Планетата и кон нејзините граѓани. Нашата Енергетска унија е посилна и позелена од кога било досега, заклучи Симсон. 

Во документот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, се посочува дека во услови кога ЕУ се справуваше со невидени предизвици во енергетската политика, Европската комисија подготви регулаторна рамка за продолжување на транзицијата кон чиста енергија, поставувајќи ги основите за поттик на економскиот раст и конкурентноста. 

ЕК посочува дека во првата половина на 2024 година половина од електрична енергија во ЕУ беше произведена од обновливи извори, дека уделот на увозот на руски гас во Унијата годинава е намален на 18 отсто од 45 проценти во 2021 година, како и дека потрошувачката на гас во периодот од август 2022 година до мај 2024 година е намалена за 138 милијарди кубни метри. 

Во исто време, според ЕК, до 19 август 2024 година е остварена целта за 2024 годна за пополнување на резервите со гас до 90 отсто, иако рокот беше 1 ноември, постигната е стабилизација на цените на енергијата и емисиите на стакленички гасови на ниво на ЕУ од 1990 до 2022 година се намалени за 32,5 отсто, а во истиот период е остварен економски раст околу 67 проценти. 

- На меѓународно ниво, ЕУ ја предводеше глобалната иницијатива за тројно зголемување на капацитетите на енергија од обновливи извори и за двојно подобрување на енергетската ефикасност, како дел од транзицијата од фосилните горива, што беше одобрена од сите страни на Климатскиот самит КOП28 во Дубаи, се посочува во Извештајот. 

Новата Влада планира фундаментално да го промени енергетскиот профил на државата со цел да ја подготви за идните предизвици за годините што следат и за таа цел сака енергетскиот сектор да бид

Според ЕК, сепак, напорите за енергетска ефикасност ќе треба дополнително да се засилат со цел ЕУ да ја исполни заложбата за намалување на потрошувачката на енергија за 11,7 отсто до 2030 година и да се преземат мерки за дополнително намалување на цените на енергијата.  

- Ова е клучно за подобрување на конкурентноста на индустријата на ЕУ и за забрзување на инвестициите во интегрираните инфраструктурни мрежи во Европа, кои се од суштинско значење за електрификација на европската економија, наведува ЕК во Извештајот. 

Во документот се оценува дека до декември 2023 година земјите членки презеле чекори во вистинска насока за намалување на нето емисиите на стакленички гасови, но дека треба да вложат дополнителни напори за остварување на поставената цел за нивно намалување за најмалку 55 отсто до 2030 година. 

Според ЕК, новите предизвици со кои ЕУ ќе треба да се справува во иднина се намалување на сегашниот јаз меѓу производството на енергија од обновливи извори на енергија и целите за енергетска ефикасност, потоа намалување на енергетската сиромаштија, како и ограничување на ризикот од нова стратешка зависност во снабдувањето со енергенси.  

- Овие предизвици ќе бараат решителен одговор и чекори на ниво на ЕУ и на ниво на земјите членки, преку поголема координација, пазарна интеграција и заедничка акција, смета ЕК. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан