• четврток, 21 ноември 2024

ИДУЕП: Дигитализацијата е приоритет на младите и мотивацијата да останат во земјата

ИДУЕП: Дигитализацијата е приоритет на младите и мотивацијата да останат во земјата
Скопје, 4 мај 2022 (МИА) - Клубот за младински прашања и политики при Собранието и Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП) ќе работат заедно на имплементација на иницијативи за дигитална трансформација на општеството кои ќе придонесат да им се обезбеди полесен и подобар живот на младите во земјава како и да се мотивираат иднината да ја гледаат во својата земја, беше договорено на денешната средба во Собранието насловена како „Дигитализацијата како алатка на младите за воведување нови практики на добро управување“. На средбата ИДУЕП претстави повеќе иницијативи во делот на дигиталната трансформација и подобрување на состојбата на младите, и се разговараше за можностите и идните чекори за соработка помеѓу Институтот и Клубот за младински прашања и политики. - Целта на денешната средба во рамки на Клубот за младински прашања и политики е да видиме што можеме да обезбедиме во делот на дигиталната трансформација со цел да им обезбедиме полесен живот на младите, но и враќање на нивната доверба во институциите со цел да ги задржиме тука. Пред извесно време имавме дебата околу бројките од пописот кои беа загрижувачки во делот на млади и Клубот активно работи на изнаоѓање на политики како да им го олесниме животот на младите да останат во државата. Со ИДУЕП разговаравме околу заеднички иницијативи во делот на дигитализација кои би можеле како пратеници да ги поднесеме до Собранието, истите да бидат изгласани и понатаму да ја следиме нивната имплементација, изјави Моника Зајкова, пратеничка од ЛДП и координаторка на Клубот за младински прашања и политики. Зајкова изрази надеж за заедничка успешна соработка и иницијативи од кои ќе имаат бенефит првенствено младите, а со тоа и сите граѓани. Бојан Кордалов, комуниколог и претседател на ИДУЕП во оваа соработка со Клубот гледа заедничка платформа која ќе ја стави дигитализацијата на уште повисоко натпартиско ниво. - Како Институт високо ја цениме работата на Клубот кој е составен од пратеници и пратенички од различни политички опции, но и поради тоа што постојано промовира политики, носи конкретни заклучоци и мерки кои што се однесуваат за подобрување на животот на младите што во голема мера се поклопува со нашата мисија. Верувам дека во наредниот период од она што го разговараме, ќе успееме уште повеќе да ја унапредиме соработката, да ја вклучиме Владата и локалната самоуправа во активностите, па на едно место, натпартиски и национално ќе ги ставиме приоритетите како што е дигитализацијата која е директна потреба и приоритет на младите. Да потсетам, токму дигитализацијата како процес е нешто кое ги држи дел од младите тука, заради тоа што овозможува повисоки плати – статистиката вели и до 1200 евра просечна плата, меѓутоа е и повод за навистина да се олесни животот на секој од нас како граѓанин, изјави Кордалов. На денешната средба ИДУЕП, меѓу другото ги презентираше иницијативите за дигитализација на општеството кои се преземаат од двете страни, Клубот и ИДУЕП, со фокус на важноста на дигиталната трансформација за младите и особено за процесите на brain gain наспроти brain drain меѓу кои Иницијатива на ИДУЕП за граѓанска и натпартиска платформа за дигитализација, иницијатива за креирање платформа за ефикасна двонасочна комуникација на граѓаните со локалните власти, како и иницијатива за водење на дебата за осовременување и дигитализација на образованието. На средбата на која учествуваа пратениците Моника Зајкова, Бојан Стојаноски, Дарко Каевски и Јован Јаулески, како и младински претставници на ИДУЕП беше заклучено дека промената на политичката култура во земјата е единствено можна преку вклучување на младите во сите процеси на локално и централно ниво, поради што соработката на Институтот со Клубот за младински прашања и политики при Собранието може да биде солидна основа за заедничко поттикнување на ваков процес, но и ставање во средиштето на доброто владеење од интерес на сите граѓани. Клубот за младински прашања и политики при Собранието се состои од пратеници и пратенички од различни политички партии кои се на возраст до 35 години. Оваа интерпарламентарна група има за цел да промовира иницијативи и поддржува активности кои во средиште ја ставаат улогата на младите луѓе во општеството и подобрување на нивниот статус во секој сегмент. Институтот за добро управување и евро-атлантски перспективи (ИДУЕП) е основан во 2009 година со цел промоција на принципите на добро управување, со фокус на транспарентноста, отчетноста и двонасочната комуникација помеѓу властите и граѓаните, како и промовирање и примена на позитивни пракси на дигитализација на локално и централно ниво. см/сп/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан