• четврток, 21 ноември 2024

Значајни инвестиции во модернизирањето на армијата, за наредната година предвидени до 4,5 милијарди денари

Значајни инвестиции во модернизирањето на армијата, за наредната година предвидени до 4,5 милијарди денари

Скопје, 14 ноември 2024 (МИА) – Државната секретарка во Министерството за одбрана, Елизабета Чуповска, денеска на платформата „100% посветени за тебе на тема „Фокус на правдата, безбедноста и одбраната“ што се одржа во Владата, посочи дека во рамки на Министерството продолжува реализацијата на договорите за набавка на опрема и модернизација на капацитетите на Армијата. За таа намена за наредната година планирано е да се издвојат 4,2 до 4,5 милијарди денари

Пред учесниците на денешната владина дебата посветена на прашања од областа на правдата, внатрешните работи и одбраната, Чуповска го посочи зајакнувањето на капацитетите на сите институции од областа на безбедноста во државата, вклучувајќи ја и одбраната, како предуслов и за натамошен економски развој, истакнувајќи дека севкупната безбедносната состојба секако влијае врз подготвеноста на заинтересираните субјекти за инвестирање.

- Сите инвестиции што Министерството ги реализира во областа на одбраната, како и планираните за во иднина, секако значајно придонесуваат за економскиот развој бидејќи гарантираме безбедни услови за можност за дополнитени инвестиции и поттикнување на самото претприемништво и севкупен економски развој, рече таа.

Како исклучително значајно таа го посочи процесот на модернизација на Армијата, како договори на релација Влада со Влада со стратешките партнери од НАТО.

- Во овие четири месеци успеавме да го заокружиме и реализираме договорот за ремонт на два транспортни хеликоптери...Сега земјава располага со четири оперативни транспортни хеликоптери, рече таа.

За склучениот договор на МО со италијанската влада за набавка на осум хеликоптери „Леонардо“, Чуповска истакна дека дел од средствата согласно договорот како аванс се уплатени, како и дека се работи за активен договор согласно чии одредби од наредната година почнуваат обврските на македонската страна.

- Она што го затекнавме како состојба, е тоа што веќе беше отворен предмет по договорот пред Антикорупциска комисија. Пред две седмици повторно доставивме ургенција за постапување по предметот. Моментално она што е обврска од наша страна, преземавме активности за формирање комисија за следење на реализацијата на договорот, а ќе постапуваме онака како ќе решат институциите. Станува збор за опрема што е значајна и приориететна, рече таа.

За наредниот период таа посочи дека се работи на два активни договори, за набавка на лесни оклопни возила од типот „JLTV“ како и помасивните „Страјкер. Чуповска истакна дека дел од „JLTV“-те се стасани, 38 на број, а преостанатите до предвидените 96 треба да пристигнат наредната година. Според неа, веќе е потврдена подготвеноста во АРМ за прием и на потешките оклопни возила „Страјкер“.

Предвидено е наредната година реализација на договорот за набавка на системи за противвоздушна одбрана од Франција, како и договор за набавка на опрема и од Турција.

- Очекуваме оваа година да го задржиме нивото на капитални расходи за модернизација и опрема некаде до 30 проценти, за таа намена да се издвојат 4,2 до 4,5 милијарди денари, што значи во рамки на нивото на НАТО стандардот за над 20 отсто, рече таа. аб/ев/

фото/скриншот

Остани поврзан