„Златна малина“ ја поништи наградата „Брус Вилис“
- Организаторите на наградите „Златна малина“, коишто „му оддаваат почит“ на најлошиот филм на годината, ја поништија годинашната специјална награда посветена на Брус Вилис.
Лос Анџелес, 1 април 2022 (МИА) - Организаторите на наградите „Златна малина“, коишто „му оддаваат почит“ на најлошиот филм на годината, ја поништија годинашната специјална награда посветена на Брус Вилис, откако неговото семејство соопшти дека глумецот се бори со афазија, пишува „Дејли мејл“.
„По долго размислување и разговор, ’Златна малина‘ одлучи да ја укине наградата што му беше доделена на Брус Вилис, по неодамна објавенатанегова дијагноза“, се вели во соопштението на организаторите.
Инаку, овогодишните организатори на „Златна малина“ го номинираа Вилис за осум негови филмови оваа година во категоријата што годинава го носеше неговото име - „Најлошата изведба на Брус Вилис во филм од 2021 година“. На крајот, беше одлучено дека неговата улога во филмот „Вселенски грев“ (Cosmic Sin) е „победникот“.
Cемејството на Вилис објави дека тој се повлекува од глумата поради дијагностицирана афазија. Како што се истакнува, тој се соочува со одредени здравствени проблеми кои се одразиле на неговите говорни и когнитивни способности. Изјавата беше потпишана од неговата сегашна сопруга Ема, поранешната сопруга Деми Мур и сите негови деца. си/ми/