• петок, 22 ноември 2024

Зибери: Нема подеднакво подобрување на етничката застапеност во институциите

Зибери: Нема подеднакво подобрување на етничката застапеност во институциите
Скопје, 28 јануари 2022 (МИА) - Нема подеднакво подобрување околу соодветна и правична застапеност на помалите заедници во сите јавни сектори во 2020 година. Во државните органи како што е Собрание, Народен правобранител, Влада, министерства и единиците на локална самоуправа состојбата е значително подобрена, но во  јавните претпријатија, обвинителствата и судовите има застој во спроведувањето на ова начело. Народниот правобранител Насер Зибери денеска на прес-конференција ги презентираше податоците за почитувањето на начелото на недискриминација и соодветна и правична застапеност, како и за половата застапеност во јавниот сектор за 2020 година. Во насока на спроведување на оваа активност од Народниот правобранител беа поднесени барања до 1.345 институции, од нив, одговориле 1.209. Вкупно 136 институции не доставиле податоци за состојбата со примената на начелото на соодветна и правична застапеност на заедниците во органите на државната власт, и во целина јавниот сектор и локална самоуправа. Според Зибери, почнувајќи од 2007 година кога почна да се применува оваа анализа па до денес, општа констатација е дека има подобрување во насока на етничката застапеност на граѓаните во органите на државната власт, органите на единиците на локалната самоуправа и јавниот сектор во целина. Како илустрација, тој го наведе податокот дека во 2007 година Албанците биле застапени со 10,8 проценти, а во 2020 година тој процент е 20,1. Турците во 2007 година биле застепни со 1,1 процент, а во 2020 со 2,1 процент. Ромите биле застапени со 0,8 проценти, а сега се со 1,3 проценти. Власите се на исто ниво, Бошњаците биле со 0,3 а сега се со 0,5 отсто. -За жал, подобрување на состојбата нема подеднакво во сите сектори, институции и органи. Во некои од органите на државата, како Собрание, Народен правобранител, Влада, министерства, единиците на локална самоуправа и во некои од поголемите фондови состојбата е значително подобрена. Но и тука, не за сите заедници подеднакво, рече Зибери. Анализата на податоците покажува дека застапеноста не е иста и во поглед на структурата по однос на образование, раководни и нераководни позиции. -Оттука, податокот говори дека во раководните позиции застапеноста на помалку бројните заедници е далеку помала од бројот на вработените. За разлика од ова, кај избраните и именуваните лица состојбата соодвествува со нивната застапеност, додаде Зибери. Народниот правобранител, констатирајќи ги овие состојби препорачува преземање посериозни мерки во насока на почитување на оваа темелна вредност и препораките се адресирани до сите институции зависно состојбата која е констатирана. Впрочем, Народниот правобранител постапувајќи и по претставките во годишниот изваштај за 2020 односно 2021 година констатираше дека во насока на подобрување на примена на ова начело сериозен проблем претставува и примената на законското решение за т.н. балансер во застапувањето на заедниците. Оттука , препорака на Народниот правобранител до Министерството за информатичко општество и јавна администрација е да се позанимава посериозно со наоѓање соодветен механизам со кој ќе се елиминира злоупотребата на т.н. балансер и начелото на правична и соодветна застапеност да биде имплементирана како што тоа е утврдено и во Уставот. Како што информираше Зибери, во органите на државата, како што се Претседател, Собрание, Влада, Уставен, Врховен и управни судови, Народна банка, застапеноста за 2020 година е следна: Mакедонци се 75,6 проценти, Aлбанци 17,7 проценти, Tурци 1,6 проценти, Роми 1 процент, Срби 1,7 проценти, Власи 1,7 проценти, Бошњаци 0,5 проценти и останати 0,3 проценти. Според народниот правобранител, овие податоци покажуваат дека во 2020 година не е забележано подобрување на застапеноста, а кај некои органи тоа дури сериозно е изразено, како на пример кај Кабинетот на Претседателот на државата и Уставниот суд. Зибери потенцираше дека кај некои органи како што е МАНУ, има голема отстапка во поглед на примената на ова начело, односно застапеноста на помалку бројните заедници. Во МАНУ 95,7 отсто се вработени Македонци, а само 1,4 отсто се Албанци. Во министерствата, народниот правобранител рече дека состојбата во целина е подобрена, но и тука не соодвествува застапеноста во однос на раководни и нераководни позиции. Зибери упати јавна критика до министерствата за финансии и за транспорт и врски кои не одговорија на барањето на Народниот правобранител и за 2020 година немаат доставено податоци за застапеноста на заедниците во нивните ресор. Состојбата во целина во министерствата е следнa: Македонци се 69,9 отсто, Албанци 24,3 отсто, Турци 1,9 проценти, Роми 1 процент, Срби 1,5 проценти, Власи 0,5, Бошњаци 0,6 проценти и останти 0,3 проценти. Народниот правобранител констатира дека трендот на застапеноста на помалите заедници во министерствата се уште е незадоволителна, а особено тоа се однесува на раководните места. Затоа, народниот правобранител препорачува воспоставување систем на доследна имплементација на начелото на соодветна и правична застапеност. Во јавни установи и други правни лица како што се агенции, дирекции, комисии, заводи состојбата е следна: Македонци 76,8 отсто, Албанци 17,6 отсто, Турци 1,8 отсто, Роми 0,8 отсто, Срби 1,4 отсто, Власи 1,4 отсто, Бошњаци 1,4 отсто и останати 0,4 отсто, -Од анализата на податоците се забележува дека кај овие институции во 2020 година има зголемување на бројот на вработени за 365 лица, во однос на претходната година, но само кај мал дел од овие институции има подобрување на етничката состојба на застапеност по овој критериум, рече Зибери. Тој додаде дека во некои од институциите состојбата со застапеноста е загрижувачка. Како пример го наведе АД за изградба и стопанисувања со станбен и деловен простор во државна сопственост, каде структурата е следна: Македонци 90,6 отсто, Албанци 2,6 отсто, Турци 0,6 отсто, Роми 1,8 отсто, Срби 2,6 отсто, Власи 1,2 отсто, Вошњаци 0,3 и останати 3 проценти. -Во некои институции состојбата е дури поеклатантна. За споредување ќе го наведам Државниот инспекторат за техничка инспекција, каде што 96 отсто се Македонци, 0 проценти се Албанци. Слична е состобата и во Центарот за развој на скопско планинскиот регион, каде освен Македонци нема вработено ниту еден од друга етничка припадност, додаде народниот правобранител.

Во КПУ и воспитноуправните установи анализата и податоците покажуваат дека застапеноста во овие установи е следна - Македонци 78,9, Албанци 17,6, Турци 1,1, Роми 0,4, Срби 1, Власи 0,8, Бошњаци 0,1 и останати 0,2 проценти.  

Зибери додаде дека од прикажаните податоци се забележува напредок во спроведување на начелото на соодветна и правична застапеност во овие установи особено кај побројната етничка заедница – Албанската, каде во последната година се вработени 62 припадници од оваа заедница.  

Во јавните претпријатија податоците покажуваат многу помала застапеност на заедниците. Така, во целина земено, во јавните претпријатија е следна Македонци 74,2, Албанци 15,8, Турци 1,8, Ром 4,1, Срби 1,7, Власи 0,5, Бошњаци 0,7 и останати 1 процент.  

Како поеклатантен пример Зибери ја наведе јавната установа Зоолошка градина на Град Скопје каде од вкупниот број вработени 48 само еден е од албанската заедница, а ниту еден Турчин не е вработен.  

Согледувајќи ја состојбата, Народниот правобранител препорачува сериозна имплементација на начелото на соодветна и правична застапеност во јавните претпријатија.  

-Кај фондовите ситуацијата е поразлична. По број на вработени во поголеми фондови како што е ФЗОМ и ПИОМ двете побројни заедници – македонската и албанската се застапени и тоа Македонци со 70,5, Албанците 25 отсто, но загрижувачка е состојбата со застапеноста на турската заедница со само 0,7 отсто, ромската со само 0,3 отсто, додаде Зибери.

Оттука, препорака на Народниот правобранител до овие фондови е да се направат дополнителни напори помалкубројните заедници да бидат посоодветно застапени.  

Но, состојбата кај двата помали фонда – ФИТР и Фондот за осигурување на депозити, според Зибери, состојбата е многу загрижувачка. Како пример тој го наведе ФИТР каде освен македонската етничка заедница, нема вработено ниту еден од друга етничка заедница.  

-Во судството исто така не може да се изнесе податок дека состојбата е добра. Напротив, и во судството нема напредок во подобрување на состојбата, рече Зибери.

Од вкупниот број на вработени во судството во сите нивоа на судови Македонци се 78,9, Албанци 15, Турци 1,5, Роми 0,9, Срби 1,4, Власи 1,1, Бошњаци 0,8 и останати со 0,5 отсто.  

Народниот правобранител упати препорака, судството да направи дополнителни чекори за подобрување на состојбата а како посебна критика упати до Основниот граѓански суд Скопје кој за 2020 година не испратил податок за состојбата за нивниот број на вработени и етничката припадност на вработените.  

-Во обвинителствата е дури позагрижувачка и во споредба со судството. 81,9 од вкупниот број се Македонци, 12,1 отсто се Албанци, 2,3 се Турци, 0,8 се Роми, 0,8 се Срби, 1,5 се Власи, 1,3 се Бошњаци и останати 3 отсто. Видливо е дека во ОЈО состојбата останува иста, а тоа значи дека се игнорираат досегашните укажувања на НП за подобрување на состојбата во оваа насока, додаде Зибери.

Посочи дека е слична состојбата и во Вишото јавно обвинителство и во Обвинителството на РСМ за што упати сериозна забелешка овие институции да преземат сериозни чекори во подобрување на состојбата и заради еден друг факт – заради создавање на доверба на граѓаните кон овие институции пред се судството и обвинителството зошто застапувањето на сите заедници подеднакво на бројот на населението оди во прилог на создавање на поголема доверба во одлуките на овие институции.бт/лв/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан