Зелените кредити бележат годишен раст од 7,4 проценти заклучно со септември
- Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од годинава. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари, или зголемување за 7,4 проценти.
Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) - Зелените кредити бележат годишен раст во портфолијата на банките и во третиот квартал од годинава. Според податоците на Народната банка, на крајот на септември, растот на зелените кредити во однос на истиот период лани изнесува 1,4 милијарди денари или зголемување за 7,4 проценти.
Во споредба со крајот на 2019 година, кога започна прибирањето и објавувањето на овие податоци, зелените кредити се зголемени за 2,8 пати. Според податоците на Народната банка, на крајот од третото тримесечје од годинава, состојбата на зелените кредити во билансите на банките изнесува 20.350 милиони денари, а на крајот на 2019 година изнесувале 7.176 милиони денари. Заклучно со третото тримесечје од годинава, состојбата на кредитите одобрени на компаниите изнесува 19.355 милион денари, а на домаќинствата 995 милиони денари.
Уделот на зелените во вкупните кредити сѐ уште е на релативно ниско ниво, но од крајот на 2019 година, заклучно со третото тримесечје од годинава се забележува промена од 2,2 на 4,4 проценти.
Зелените кредити се заеми наменети за проекти што поддржуваат одржливи, еколошки цели или цели коишто придонесуваат за зелената транзиција во општеството, како што се инвестициите во нова еколошка технологија.
- Народната банка, препознавајќи ги ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ја постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија. Преку низа активности, нашата централна банка придонесува за поттикнување на зеленото финансирање, вклучувајќи ги и монетарните мерки, велат од централната банка.
Народната банка, на својата веб-страница од 2022 година почна да објавува и квартални податоци за кредитите за зелено финансирање одобрени на домаќинствата и нефинансиските друштва. бак/
Фото: Народна банка