• понеделник, 04 ноември 2024

Здруженијата на спортски обложувалници и игри на среќа ја поздравија одлуката на Пендаровски да не го потпише указот на законот

Здруженијата на спортски обложувалници и игри на среќа ја поздравија одлуката на Пендаровски да не го потпише указот на законот

Скопје, 13 февруари 2024 (МИА) - Асоцијацијата на спортски обложувалници (АСОМ) и Здружението на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“ ја поздравуваат одлуката на претседателот на државата Стево Пендаровски да не го потпише указот за Законот за игри на среќа.

- Ова е уште една потврда дека одлуката да се гласа законот по скратена постапка и под знамето на ЕУ немаше правна основа и беше во спротивност со принципите на демократскиот процес и учеството на јавноста. Го повикуваме Собранието, сите пратеници, сите политички партии и чинители да се вразумат и конечно да се отвори јавна расправа за овој важен закон. Ајде заедно да донесеме европски закон кој вистински ќе ги штити интересите на граѓаните, се вели во соопштението од АСОМ.

Оттаму посочуваат дека доколку повторно има обид за носење на законот со сила, ќе организираат масовни протести. 

И од Здружението „Сакам да работам“ оценуваат дека со одлуката на претседателот Пендаровски се заштитуваат десет илјади семејства. 

- После ваков развој на настаните, секој евентуален обид со мнозинство од 61 пратеник повторно да се изгласаат законските измени и Претседателот да биде принуден да го потпише Указот, ќе значи дека законодавниот дом нема слух за оправданите забелешки и работи против ЕУ перспективите. Затоа, апелираме до Техничката Влада да ги повлече овие законски измени. Неопходен е широк консултативен процес со вклучување на сите засегнати страни за да се дојде до законски измени кои ќе нудат решенија за грижите на граѓаните, а не да создаваат хаос во игрите на среќа, со кој младината навистина ќе биде загрозена, се наведува во соопштението од Здружението „Сакам да работам“.

Оттаму апелираат и до движењето „Антикоцкање“ да не шири, како што се вели, невистини и манипулации, посочувајќи дека затворањето на легалните објекти ќе предизвика отворање на диви играчници по подруми, без контрола на државата.

Претседателот Пендаровски не го потпиша указот за овој закон, а одлуката, како што соопштија од неговиот Кабинет, е донесена врз основа на детална анализа на текстот на Законот и на постапката во која што е донесен, како и по спроведените консултации со Делегацијата на Европската Унија во земјава. бак/дма/

Фото: МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан