• среда, 29 јануари 2025

Здравковски на конференција на ЕУ-КОСАК во Варшава

Здравковски на конференција на ЕУ-КОСАК во Варшава

Скопје, 27 јануари 2025 (МИА) - Во рамки на полското претседателство со Европската Унија, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски, учествува на Конференција на претседателите на парламентарните комисии за европски прашања на земјите членки на ЕУ - КОСАК, што се одржува во Варшава, Полска.

Како што соопшти собраниската прес-служба, конференцијата беше отворена со поздравнo обраќањe на Маљгоржата Кидава-Блонска, маршалка на Сенатот на Полска, коjа осврнувајќи се на полските приоритети, истакна дека Полска го презеде претседавањето во првата половина на 2025 година, во период на големи предизвици за земјите членки и за ЕУ во целина.

Во рамки на првата сесија насловена како Приоритети на полското претседателство со Советот на Европската Унија, се обрати Агњешка Помаска, претседателка на Комисијата за прашања на ЕУ на Сејмот на Република Полска, потоа Томаш Грозки, претседател на Комисијата за прашања на Европската Унија на Сенатот на Република Полска, како и Адам Шлапка, министер за прашања на ЕУ на Полска.

Пред пратениците се презентираа приоритетите на полското претседателство со цел поддршка на активностите за зајакнување на европската безбедност, во следните димензии – воспоставување силна поддршка за одбранбените капацитети и зајакнување на одбранбената подготвеност, обезбедување на надворешните граници на ЕУ, зајакнување на способностите на Унијата за борба против дезинформации, враќање на фер и конкурентен единствен пазар без бирократски оптоварувања, промовирање акции за енергетска самодоволност, обликување заедничка земјоделска политика со намера да се поддржат земјоделците и да се развијат руралните области, и конечно, последниот фокус е на дигиталната трансформација на здравствената заштита, истовремено промовирајќи ја диверзификацијата на синџирите за снабдување со лекови и обезбедувајќи поддршка за нивното производство во ЕУ.

Во врска со проширувањето, заменик-претседателот на Комисијата за европски прашања, Игор Здравковски имаше свое излагање во кое го потенцираше значењето на процесот на придружување на земјите кандидати за членство во ЕУ, како важен процес за земјите од Западен Балкан, кој е неопходен за стабилност во регионот.

Притоа, тој истакна дека придружувањето кон ЕУ е силен мотив и двигател на европските реформи во сите области во Регинот.

Здравковски истакна дека по унгарското преседавање во рамките на кое Унгарија се обиде „да ја направи Европа одново голема“, Полска за време на своето претседателство се фокусира главно на тоа Европа да биде побезбедна. Имено, токму под мотото „Безбедност, Европа!“, Полска за време на своето шестмесечно претседавање ќе се посвети на седум димензии на концептот за поголема безбедност на Европската Унија, и тоа: зајакнување на надворешната, внатрешната, кибер, економската, енергетската, прехранбената и здравствена безбедност на ЕУ и нејзините граѓани. нд/аа/

Фото: Собрание

Остани поврзан