Зголемени испораки на руски плин во Турција во првите седум месеци од годината
- Во овој период руските производители испорачаа приближно 12,7 милијарди кубни метри гас преку цевководите во Турција, што е за 26 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, наведуваат руските медиуми.
Истанбул, 30 септември 2025 (МИА) – Испораките на руски гас за Турција во првите седум месеци од годината се зголемија за повеќе од 20 проценти, пресмета турскиот регулатор на енергетскиот пазар (EPDK).
Во овој период руските производители испорачаа приближно 12,7 милијарди кубни метри гас преку цевководите во Турција, што е за 26 проценти повеќе во однос на истиот период минатата година, наведуваат руските медиуми.
Само во јули, Турција увезе вкупно 1,78 милијарди кубни метри гас од Русија преку цевководите „Турски тек“ и „Син тек“, покажуваат податоците од турскиот регулатор.
Во 2024 година Русија за 2,6 отсто ги зголеми испораките на гас за Турција преку цевководите, на нешто повеќе од 21 милијарда кубни метри. Кога ќе се вклучи и течниот природен гас (LNG), вкупните испораки на гас од Русија за Турција минатата година надминаа 21,5 милијарди кубни метри.
Русија ја снабдува Турција со гас преку цевководи низ Црното Море, потсетуваат руските медиуми.
Гасоводот „Син тек“ беше пуштен во употреба на почетокот на 2003 година. Долг е 1.213 километри и може да транспортира 16 милијарди кубни метри гас годишно.
„Турски тек“ испорачува гас од јануари 2020 година, со капацитет од 31,5 милијарди кубни метри. Вклучува две линии што испорачуваат гас до домашните потрошувачи, односно земјите во јужна и југоисточна Европа, потсетуваат руските медиуми. сд/
фото:ЕПА