• понеделник, 23 декември 2024

За 79 отсто намален бројот на бегалци и мигранти на грчките острови

За 79 отсто намален бројот на бегалци и мигранти на грчките острови
Атина, 27 јануари 2022 (МИА) – Бројот на бегалци и мигранти згрижени на грчките острови во декември 2021 година се намалил за 79 отсто, во споредба со една година претходно, а на целата територија на Грција, намалувањето за истиот период е за 49 проценти, согласно податоците од Министерството за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина. Најголемо намалување, за 96 отсто има на Лерос, а потоа следат островите Самос и Хиос со 88 проценти, Лезбос со 78 проценти и Кос со 34 отсто. Според истите податоци, во 2021 година бегалските и мигрантските бранови на островите биле намалени за 58 проценти, споредбено со 2020 година. Грчкиот министер за миграција и азил, Нотис Митаракис, изјави дека пред две години нивната цел била намалување на брановите и намалување на последиците од миграциската криза врз локалните заедници. -Денеска, две години подоцна, опипливите резултати од оваа политика ни овозможуваат да ги погледнеме граѓаните во очи. Брановите остануваат стабилно ниски, а празнењето се применува во пракса и на островите и во континентална Грција каде што затворивме 86 објекти, а постоечките центри работат со половина од капацитетите. Во 2022 година, акцентот го ставаме на големите градови, Атина и Солун, заедно со надлежните министерства, во рамките на конкретните активности. Продолжуваме решително и посветено за да го завршиме националниот систем за прием на бегалци и мигранти, истакна Митаракис.ср/сд/

Остани поврзан