• понеделник, 23 декември 2024

Вонредни настани, црвен сигнал и либерализација во најава во железницата

Вонредни настани, црвен сигнал и либерализација во најава во железницата

Скопје, 22 јули 2023 (МИА) -  Вкупно 25 вонредни настани се регистритрани на македонските пруги од почетокот на годинава, при што загинале пет лица, а 20 се повредени. Последниот се случи пред неколку дена кога на железничкиот патен премин кај кумановско Романовце се судрија локомотива и патничко моторно возило и беше повредено едно лице.

Клучни причини за несреќите во кои има и починати и повредени лица, како и материјална штета, според надлежните институции и директно вклучените во работниот процес, се непочитувањето на сигналните знаци на патните премини на пругите од учесниците во патниот сообраќај, движењето по пругите и качувањата на вагоните од трети лица (мигранти и други лица), но и неисправната сигнализација.

Подобрувањето на состојбата на пругите покрај за безбедноста при превозот на патници и стока, се потенцира како особено важно и во услови на најавите за либерализација на транспортот во Железницата за што веќе во собраниска процедура се законски измени.  

Деталниот преглед од извештаите на ЈП ЖРСМ Инфраструктура покажува дека лани на пругите биле регистрирани 39 вонредни настани со усмртени девет лица, а осум повредени. Оштетени се четири моторни возила на ЈП ЖРСМ Инфраструктура, а сообраќајот бил во прекин вкупно 374 часа. Во вонредните настани од минатата година што се оквалификувани како сериозни несреќи починале девет лица и е оштетено едно моторно возило, а биле причина за прекин на сообраќајот во траење од 27 часа. Две од сериозните несреќи се случиле на патен премин, а седум во движење на возови. Во евиденцијата на јавното претпријатие има и 18 несреќи, во кои биле повредени седум лица, две оштетувања на моторни возила, а предизвикале 280 часа прекин на сообраќајот. Единаесет од несреќите се поради излизгување на воз од шините, три се на патен премин, а четири при движење на железничките возила. Како инциденти се оквалификувани 12 вонредни настани, со едно повредено лице, а сообраќајот бил во прекин 66 часа. Бројот на вонредните настани во 2022 година е намален во однос на регистрираните 45 во 2021 година, а кои биле причина за пет починати лица, 14 повредени и шест оштетени моторни возила. Од 45-те вонредни настани во минатата година има 15 лизгања од шини, 14 биле при движење на возовите, а шест на патни премини.

Од ЈП за железничка инфраструктура при ЖРСМ за МИА велат дека клучните причини за ваквите немили случувања се должат на непочитување на сигналните знаци на патните премини од страна на учесниците во патниот сообраќај, движење по пругите и качувања на вагоните од страна на трети лица, како мигранти и други лица.

-Во ниеден случај од наведените вонредни настани нема одговорност ЈП инфраструктура при ЖРСМ, велат од претпријатието.

Оттаму потенцираат дека преземаат повеќе мерки за подобрување на безбедноста на железничкиот сообраќај.

-Редовно се врши одржување на пругите од страна на нашиот стручен персонал. На 15 јули годинава од страна на изведувачот СТРАБАГ е завршен ремонтот на пругата од Ногаевци до Неготино кој што беше започнат уште пред седум години со што по завршувањето на одредени дополнителни работи од наша страна најдоцна за еден месец на овој дел од пругата ќе се вози со редовна брзина на возовите. На делот од пругата Табановци-Куманово постоечките изолирани отсеци се заменети со бројачи на осовини на возовите што представува највисок степен на контрола на движењето на возовите. Во станицата Трубарево направена е надградба на софтерот за телекоманда кој служи за далечинско управување на сообраќајот на пругата Табановци-Гевгелија, велат од ЈП за железничка инфраструктура и потенцираат дека финансискиот договор за завршување на работите на ремонтот на пругата Ногаевци-Неготино изнесува 4,8 милиони евра.

 Железничкиот сектор во државава ја заокружи минатата и ја почнува новата година речиси со исти ветувања за нови километри пруги и обнова на возниот парк, планови за обезбедување финансии од м

Од МЖ Инфраструктура посочуваат дека просечната брзина на движењето на пругите во државава зависи од состојбата на железничката инфраструктура, состојбата на локомотивите и вагоните, како и други фактори.

-Во јуни во просек брзината за патнички сообраќај изнесува 71 километар на час, а за товарен сообраќај 54 километри на час. Ова се должи на намалената брзина на делот од пругата од Зелениково до станицата Велес со 20 километри на час. На овој дел од пругата од страна на нашиот персонал се врши замена на старите дрвени прагови со нови прагови со што се очекува во следните неколку месеци да се заврши промената на праговите и да се зголеми брзината на движењето на возовите, велат од ЈП ЖРСМ Инфраструктура.

Презеле, како што велат, повеќе активности и во рамки на кампањата „Тенка е линијата“ за подобрување на безбедноста на железничките премини, што се спроведува од мај минатата година, во соработка со Министерството за транспорт и врски и Секретаријатот на Транспортната заедница.

-Минатата година од наша страна со посебен допис беа известени сите општини на целата територија на РСМ каде што се наоѓаат патните премини да направат проверка и замена на сите сообраќајни друмски сигнални знаци на патните премини бидејќи тоа е во надлежност на општините. Направени се посебни флаери за безбедноста на патните премини и истите се распределени по средните училишта на целата територија на РСМ. Вградени се камери на скоро сите патни премини на Коридорот 10 (Табановци-Гевгелија), Пругата Прилеп-Жабени и Скопје- Гостивар и патниот премин Новоселски пат кон Косово, информираат од јавното претпријатие.

Според Тони Димовски, претседател на Независниот синдикат во МЖ Транспорт и претставник на машинскиот персонал во ова претпријатие, покрај причините што ги наведува МЖИ за вонредните настани на пругите, проблем е и неисправната сигнализација.

-Речиси 80 проценти од Табановце до Гевгелија сигнализацијата не во ред. Цело време работиме со јавување на телефон во телекоманда, не водат со телефон, цело време поминуваме на црвени сигнали во договор со колегите што не следат од телекоманда. Исто така не им се исправни патните премини и треба да ги направат, а пругата е со бавни возења. Ако порано просечната брзина од Табановце до Гевгелија  била 100 километри на час, сега е максимум 35 до 40, а некаде имаме бавни возења со 20 километри и со 30 километри. Да си ги направат сигналите и да ги избришат, бидејќи не се гледаат, со прашина се, не се избришани долги години, светат, но од далеку не се забележува дали е зелен, црвен или жолт сигнал, а ние работиме според нив, вели Димовски за МИА.

Ги потенцира и случаите со качувања на лица на вагони, претежно во станицата во Илинден каде возат товарни возови со нафта, а што вели дека се прави за кражби и за снимање на видеа за социјални мрежи. 

Треба, истакнува, да се направи и пругата со оглед на информациите дека влегува во собраниска процедура либерализацијата на сообраќајот.

- Ако се либерализира сообраќајот, не знам каде ќе биде ќарот на ЈП МЖИ Инфраструктура со оваа пруга. Кога ќе влезат на Табановце за да одат за Грција ќе сакааат за четири-пет часа да им замине возот, не да возат повеќе од 12 часа, а некогаш се случува и повеќе од 20 часа да трае патувањето од Табановце до Гевгелија, посочува Димовски. 

Со Предлог законот за изменување и дополнување на законот за железнички систем, што по скратена постапка, е на дневен ред на 120 седница на Собранието, во членот 16  стои дека се овозможува јавниот железнички превоз на патници и стока да се врши од приватно домашно или странско правно лице, т.е. се отвора пазарот за други железнички превозници. 

Со потпишувањето на Договорот за основање на транспортната заедница треба да се изврши усогласување на националното законодавство со европското законодавство од областа на железничкиот транспорт. Со овој договор требаше да се изврши усогласување на националното закондавство со ЕУ acquis од областа на железничкиот транспорт. Договорот треба да придонесе подобра ефикасност, пониски трошоци и подобар квалитет на услугите за корисниците на железничкиот транспорт, преку отворање на пазарот и зајакнување на конкуренцијата. Ова е едно и од барањата за членство во Унијата на одржаниот состанок на Поткомитетот за транспорт, животна средина, енергија и регионален развој од 17 март 2022 година.

Во Националната транспортна стратегија за перодот 2018-2030 година е наведено дека безбедноста на железничката инфраструктура вклучува имплементација на опрема за сигнализација на места каде се случиле судири и подобрување на безбедноста на премините во ниво. Проектот се спроведува континуирано кога тоа е потребно и дополнително во согласност со новите имплементирани проекти. 

Според податоците на Секретаријатот на Транспортната заедница, 59 проценти од сите несреќи на патните премини во Западен Балкан резултираат со смртни последици или тешки поврeди.

Во државава се изградени 595 километри пруга со вкупно 240 патни премини како потенцијални фактори за настанување на сообраќајни несреќи. 

Од кумановското село Шупљи Камен денеска почна изградбата на источниот дел од железничкиот Коридор 8, делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка. Компаниите изведувачи се на терен, а надлеж

Во делот на изградбата на нова железничка инфраструктура, во тек се градежни работи за изградба и реконструкција на источниот дел од железничкиот Коридор 9 на пругата кон Бугарија, од Куманово до Бељаковце и од Бељаковце до Крива Паланка. За третата фаза од Крива Паланка до границата со Бугарија е во тек тендерска постапка за избор на надзорен инженер и за избор на консултант за техничка помош.  за третата фаза се доделни грантови за техничка помош, надзорен инженер и градба, а во меѓувреме ЕИБ и ЕБОР изразија интерес за финансирање преку заеми за кои, според ЖРСМ Инфртсруктура, се води соодветна административна постапка. Проценките за старт на работите на избран Изведувач се втор квартал на 2024.

Статистиката на МЖИ за реализираниот железнички сообраќај, покажува дека во првата половина на 2022 година на нашата територија се превезени вкупно 2458 товарни возови,  1911 во меѓународен и 547 во внатрешен сообраќај.

-Во првата половина од 2023 година на нашата територија се превезени вкупно 1533 товарни од тоа 1268 во меѓународен и 265 во патнички сообраќај. Разликата во намалениот број на возови во оваа прва половина од годината во споредба со минатата е заради укинување на патничките возови од страна на МЖ Транспорт на пругите Скопје-Табановци и Велес-Кочани и поради недоволен број на влечни средства (локомотиви) на МЖ транспорт, информираа за МИА од Јавното претпријатие за железничка инфраструктура.

Лидија Велковска 

фото: МИА архива

Остани поврзан