• понеделник, 23 декември 2024

За работа во недела најмалку 50 отсто поголема дневница, вработените во трговските центри ќе имаат двојно поголема

За работа во недела најмалку 50 отсто поголема дневница, вработените во трговските центри ќе имаат двојно поголема
Скопје, 3 јуни 2021 (МИА) - Дневница зголемена за 100 проценти од основната и слободен ден ќе добиваат работниците во трговските центри, кои ќе работат во недела, бидејќи станува збор за неесенцијална дејност. Останатите работници од дејностите на кои поради спецификата или неопходноста за фунционирање на државата ќе им биде дозволено да работат во недела ќе добиваат дневница зголемена за најмалку 50 проценти и слободен ден, но, таа може да биде и повисока ако тоа се утврди со колективен договор или на друг начин. Од ССМ најавуваат дека по донесувањето на законското решение со кое ќе се регулира работа во недела, ќе се трудат да ги усогласат колективните договори со него. -Во ЗРО за сите есенцијални дејности се вели да добијат зголемување од најмалку 50 посто, а во колективни договори тоа може да стане и 100, 150 или 200 проценти, односно се дава можност во колективните договори да може да се даде поголем износ. По донесувањето на ЗРО во членот за денот недела како неработен ден ние како синдикати ќе се потрудиме врз основа на тој член да ги усогласиме нашите колективни договори и како колегите од трговија да побараме 100 или повеќе проценти дневница за работниците кои ќе работат во недела, рече претседателот на ССМ Дарко Димовски. Тој вели дека законот нагласува дека миниумот е поголема дневница за 50 проценти, но ако во колективните договори износот е поголем ќе биде применета поповолна дневница. -Министерството и Владата гарантира 50 посто, а ние како Синдикат и работодавачи може да се согласиме таа да изнесува повеќе, рече Димовски. Според него, има 43 дејности за кои се смета дека се неопходни поради видот на технолошкиот процес или есенцијална дејност заради фунционирање на државата и поради тоа мора да работат и во недела. -Во нивните колективни договори со работодавачите ќе бараат право како во трговијата дневницата да биде најмалку 100 процент, рече тој, додавајќи дека и сега има дневници кои се повисоки од оние пропишани со закон, поради тоа што така е регулирано со колективни договори. Министерката Шахпаска вели дека недела треба да биде ден за неделен одмор за сите работници, освен за исклучоците кои се такасативно наброени и, како што рече, се однесуваат само за вработени во индустрија и сектори од витална важност за државата. -Тоа не значи дека сите вработени во тие компании и гранки ќе работаат во полн капацитет. Проценките се дека ќе работаат околу 30 посто од нив. Со предвидувањето на надоместот за работа во недела од 50 посто доколку со колективен догвор или на друг начин не е поголем износ, сакаме да испратиме порака дека не сакаме да ускратиме право на работници, како оние во здравството, кои добиваат поголеми дневници согласно колективни договори. Зошто се прави разлика и за моловите се предвидува дневница поголема за 100 проценти? Затоа што тоа не е техничко-технолошки процес кој не може да се прекине или есенцијална дејност, рече министерката Шахпаска. Таа додаде дека ним им било дозволено да работат во недела бидејќи, како што нагласи, анализите покажале дека 40 проценти од прометот го остваруваат во недела. Затоа рече, има законски регулирани поголеми дневници, но и обврска два посто од приходите на неделно ниво да го упаќаат во Буџетот на државата, а тие пари ќе бидат наменети за изградба на градинки. сст/ац/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан