Илче Мицевски-Игнат за МИА: Свети Климент Охридски е најдобар пример каков треба да биде еден пастир на православните христијани
- Личноста на свети Климент Охридски има големо значење за нашата Православна црква, бидејќи на темелите кои тој ќе ги постави во епархијата со која управувал, подоцна ќе биде изградена и познатата Охридска архиепископија, чија наследничка е МПЦ-ОА. Самиот тој ќе ја гради не само материјалната видлива црква, туку најмногу од сѐ ќе посвети време на градењето на црквата во срцата на луѓето преку заповедите на Евангелието и говорот на народен разбирлив јазик за Словените кои живееле на овие простори, вели во интервју за МИА в.д. деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, д-р Илче Мицевски-Игнат.
Скопје, 8 декември 2025 (МИА)
Ана ЦВЕТКОВСКА
Личноста на свети Климент Охридски има големо значење за нашата Православна црква, бидејќи на темелите кои тој ќе ги постави во епархијата со која управувал, подоцна ќе биде изградена и познатата Охридска архиепископија, чија наследничка е МПЦ-ОА. Самиот тој ќе ја гради не само материјалната видлива црква, туку најмногу од сѐ ќе посвети време на градењето на црквата во срцата на луѓето преку заповедите на Евангелието и говорот на народен разбирлив јазик за Словените кои живееле на овие простори, вели во интервју за МИА в.д. деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, д-р Илче Мицевски-Игнат.
Интервјуто го правевме по повод денешниот празник Свети Климент Охридски, чие име го носат и Богословскиот факултет и Средното богословско училиште, но со Мицевски разговараме и за други теми кои се актуелни за Црквата.
-Свети Климент Охридски, како еден од најдобрите ученици на светите браќа Кирил и Методиј, ќе се докаже како преведувач, мисионер, свештенослужител, проповедник, писател, просветител и чудотворец. Неговиот култ ќе се развие брзо во Охридско и ќе стане еден од најпочитуваните светители на овие простори. МПЦ-ОА со право се повикува на свети Климент Охридски и го зема за свој заштитник, бидејќи е најдобар пример за тоа како треба да биде еден пастир на православните христијани, нагласува Мицевски-Игнат.

Значењето на свети Климент Охридски освен за МПЦ-ОА, додава тој, се пренесува и на нашата држава и надвор од границите, затоа што од неговиот труд ќе се основа познатата Охридска школа, од која ќе бидат пратени многу ракописи и богослужбени книги на словенски јазик во другите земји каде што се зборувал истиот јазик.
Во интервјуто разговаравме и за актуелизирањето на прашањето за воведување веронаука како задолжителен предмет, за што в.д. деканот на Богословскиот факултет напомена дека проблемот настанал со новата коцепција за основно образование, кога предметот бил деградиран од задолжителен изборен во слободен изборен предмет.
Тој нагласува дека треба да се направи јасна дистинкција меѓу веронаука и религиско образование, првата е конфесионална и се одвива во рамките на Црквата со цел духовна формација во верата, а втората во јавниот образовен систем има образовна, а не конфесионална категорија. Во него спаѓа и предметот Етика во религиите, кој со години се предава во шесто одделение, предмет кој е дизајниран да ги запознае учениците со етичките вредности на сопствената и на другите религии, да развие критичко размислување, емпатија, дијалог и култура на почитување. Ова се темели, нагласува Мицевски-Игнат, кои се исклучително важни во време на поларизација и морална криза.

Со ставањето на предметот во изборен, како што појаснува Мицевски-Игнат, се намалила неговата достапност и се создал ризик да не се формираат групи, со што на учениците им се ограничува пристапот до етичко и религиско образование, што е спротивно на принципите на недискриминација и на европските стандарди за образовни права.
-Овој предмет има сложени, долгорочни воспитно-образовни цели, но годишно содржи само 36 часа и се изучува една учебна година. Ако сакаме вистинско градење вредносен систем, критичко размислување и социјална одговорност кај учениците, сметам дека предметот треба да се изучува во повеќе последователни години. Такви се и позитивните европски практики, додава в.д. деканот.
Како и секоја година и оваа Факултетот својот патронен празник го одбележа со конференција, оваа година посветена на темата „Теологијата и технологиите“.
-Оваа година одбравме една тема која вклучува мултидисциплинарен пристап и одговори за современиот технолошки развој во светот кој станува дел од нашиот живот и влијае врз психосоматската состојба на човекот. Технолошкиот развој се случува толку брзо што одговорите за последиците кои ги има врз луѓето е невозможно да се дадат веднаш. Гледаме како вештачката интелигенција навлегува во сите сфери на личниот и професионалниот живот, вршејќи влијание врз одлуките кои луѓето ги носат. Иако вештачката интелигенција „знае“ и „може“ многу да направи, сеуште прави грешки и е во постојан процес на учење, затоа не треба да ја сфаќаме сериозно за сѐ што ни кажува и да ги проверуваме информациите. Може да ни помогне побрзо да дојдеме до одредени информации или побрзо да завршиме некои задачи, но сепак останува само една напредна алатка која треба да се користи со расудување и внимание, вели тој.
За заедничката декларација, која ја потпишаа вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав XIV, во која нагласија дека отфрлаат каква било употреба на религијата за оправдување на насилството, што пак ги разбранува старите духови во однос на обидите за екуменизација, в.д. декантот на Богословскиот факултет вели дека секако религијата не може да биде оправдување на насилството во никаква форма.

-Особено христијаните немаат никакво оправдување во нивната вера да бидат насилни кон другите луѓе, бидејќи никаде во Новиот завет христијаните не се насочени кон насилство, туку само на љубов кон ближниот и кон Бога, додава тој.
Нагласува дека екуменското движење постои уште од дваесетите години на XX век, а во 1948 г. е основан Светскиот совет на црквите, во кој учествуваат и повеќе помесни православни Цркви. Во 1979 г. е основана Мешана комисија за теолошки дијалог помеѓу Римокатоличката и Православната црква. Повеќе од 45 години се одржуваат средби и состаноци да го разјаснат догматското учење и литургиските разлики на двете цркви, со цел да се олесни помирувањето на двете страни, но без голем успех.
-Постои голема бездна помеѓу нас која станувала поголема со минувањето на времето од 1054 г., а учењето за одредени работи од догматска страна станувало различно од она предадено од светите апостоли и светите отци на црквата. Денес православните помесни цркви уште немаат никакво догматско и литургиско општење со Римокатоличката црква. Затоа, потпишувањето на заедничкиот документ во Турција е само продолжување на екуменскиот дијалог кој веќе постои со Римокатоличката црква, не значи официјално помирување и стапување во литургиско и догматско општење со Римокатоличката црква. Потоа, потпишувањето на документот не е со консензус на сите православни помесни цркви, бидејќи голем број од поглаварите на православните цркви не присуствуваа на настанот и не се потписници на документот. Целосна заедница со Римокатоличката црква ќе биде можна кога ќе имаме исто догматско учење и кога сите помесни православни цркви ќе се согласат на тоа. Засега нема потреба од грижи, продолжуваме со дијалогот, појаснува Мицевски-Игнат.
Во продолжение следува интервјуто со в.д. деканот на Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“, д-р Илче Мицевски-Игнат во целост:
Православниот богословски факултет денеска го одбележува својот патронен празник 8 декември (25 ноември) – Денот на Свети Климент Охридски, првиот епископ, кој ја воздигнал словенската јазично-културна цивилизација. Ќе може ли накусо кое е значењето на Свети Климент за МПЦ-ОА, но и за Македонија и пошироко за словенскиот свет?
-Денес го празнуваме нашиот заштитник Свети Климент Охридски, кој е заштитник на МПЦ-ОА, на нашата високо-образовна институција Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ во Скопје, како и на Средното богословско училиште кое го носи името на овој голем светител. Исто така, и на други образовни или културни институции во нашата земја, како и на повеќе храмови. Личноста на свети Климент Охридски има големо значење за нашата православна Црква бидејќи на темелите кои тој ќе ги постави во епархијата со која управувал, подоцна ќе биде изградена и познатата Охридска архиепископија, чија наследничка е МПЦ-ОА. Самиот тој ќе ја гради не само материјалната видлива црква, туку најмногу од сѐ ќе посвети време на градењето на црквата во срцата на луѓето преку заповедите на Евангелието и говорот на народен разбирлив јазик за Словените кои живееле на овие простори. Свети Климент Охридски, како еден од најдобрите ученици на светите браќа Кирил и Методиј, ќе се докаже како преведувач, мисионер, свештенослужител, проповедник, писател, просветител и чудотворец. Неговиот култ ќе се развие брзо во Охридско и ќе стане еден од најпочитуваните светители на овие простори. МПЦ-ОА со право се повикува на свети Климент Охридски и го зема за свој заштитник, бидејќи е најдобар пример за тоа како треба да биде еден пастир на православните христијани. Од друга страна, верниците во нашата земја се органски поврзани со светителите кои живееле овде, па затоа е природно големиот пастир и светител да ни биде и денес духовен водач и заштитник на нашата Црква, држава и народ. Од друга страна, неговото значење за МПЦ-ОА се пренесува и на нашата држава и надвор од границите, затоа што од трудот на свети Климент Охридски ќе се основа познатата Охридска школа од која ќе бидат пратени многу ракописи и богослужбени книги на словенски јазик во другите земји каде што се зборувал истиот јазик. Како што спомнавте во вашето прашање, ќе биде причината за развивањето на словенската јазично-културна цивилизација. Затоа, како Црквата, така и државата ја оддаваат својата почит кон свети Климент Охридски со тоа што неговото име го носат многу институции и награди основани од државата или МПЦ-ОА. А словенскиот свет му останува благодарен на свети Климент Охридски за писмото и за понатамошното развивање на нивната култура и цивилизација.

Факултетот одбележува 48 години, уште малку половина век. Колкава е заинтересираноста за богословските студии?
-Наскоро нашиот Факултет ќе го прослави јубилејот 50 години од основањето, половина век посветеност на високото образование на идните кадри на МПЦ-ОА и нивното духовно формирање. И денес остануваме верни на мисијата на свети Климент Охридски да формираме високо образовани свештеници, вероучители, монаси и богослови на нашата високо-образовна институција. Заинтересираност за богословските студии постои и имаме студенти кои студираат во редовен и во вонреден статус. Во академската 2025/2026 година имаме запишано вкупно 81 студент, на четиригодишната програма по општа теологија. Слично како и на другите факултети во државата, бројот на студенти во последниве години се намалува, па така и бројот на студенти кои се запишуваат на нашиот факултет е исто така помал.
Што понатаму откако ќе се заврши овој Факултет, дали повеќето остануваат во служба на МПЦ-ОА или можеби се насочуваат во други сфери?
-По завршувањето на Богословскиот факултет, дипломираните студенти остануваат во служба на МПЦ-ОА, ракоположени се во ѓаконски или свештенички чин, некои од нив ги продолжуваат студиите на специјалистичките магистерски студии на нашиот Факултет и со тоа добиваат лиценца и право да предаваат веронаука (етика на религиите) во училиштата. Мал дел од нив се насочуваат и кон други сфери кои не се дел од богословската сфера на образование и работење.
Факултетот е придружна членка на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, каква е соработката со другите факултети, но и пошироко?
-Православниот богословски факултет „Свети Климент Охридски“ од Скопје има добра и долгогодишна соработка со дел од факултетите од рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, како и со факултети од странство. Имаме добра соработка со Филолошкиот факултет, со Филозофскиот факултет, со Факултетот за историја, со Институтот за македонски јазик, со Институтот за национална историја со кого заеднички организираме и соработуваме за две конференции, меѓународниот научен симпозиум „Денови на Јустинијан I“ кој годинава стигна до своето 13-то издание и националната научна конференција „Кирило-Методиеви научни средби“ која оваа година го имаше своето второ издание. Соработуваме и со други факултети и институции во нашата земја.
На меѓународен план, нашиот факултет има соработка со Православните богословски факултети во Белград, Прешов (Словачка), Москва, Санкт-Петерсбург, Софија, Атина, Солун, Констанца (Романија) со Римокатоличките богословски факултети во Загреб, Љубљана и Регенсбург, со Источно-црковниот институт од Регенсбург, со Универзитетскиот Колеџ во Стокхолм, со Православниот институт Патријарх Атенагора во Калифорнија, Палмер теолошката семинарија во Пенсилванија и др. Правиме напори да ја зголемиме мрежата за соработка со факултети и институции од нашата земја, како и со факултети и институции од странство.

Неодамна повторно се актуелизира прашањето за воведување веронаука како задолжителен предмет, иницијативата потекна од Комисијата за односи со верските заедници. Зошто веронаука во секуларна држава и каков модел е замислен за воведување на ваков предмет?
-Најпрво е важно да направиме разлика меѓу веронаука и религиско образование. Веронауката е конфесионална и таа се одвива во рамките на Црквата и има за цел духовна формација во верата. Наспроти тоа, религиското образование во јавниот образовен систем има образовна, а не конфесионална категорија. Во него спаѓа и предметот Етика во религиите, кој со години се предава во шесто одделение. Овој предмет е дизајниран да ги запознае учениците со етичките вредности на сопствената и на другите религии, да развие критичко размислување, емпатија, дијалог и култура на почитување. Ова се темели кои се исклучително важни во време на поларизација и морална криза.
Проблемот настана со новата концепција за основно образование, кога предметот беше деградиран од задолжителен изборен во слободен изборен предмет. На тој начин тој се изгуби меѓу многу други изборни предмети кои немаат ист образовен и воспитен потенцијал. Тоа директно ја намалува неговата достапност и создава ризик да не се формираат групи, со што на учениците им се ограничува пристапот до етичко и религиско образование, што е спротивно на принципите на недискриминација и на европските стандарди за образовни права.
Овој предмет има сложени, долгорочни воспитно-образовни цели, но годишно содржи само 36 часа и се изучува една учебна година. Ако сакаме вистинско градење вредносен систем, критичко размислување и социјална одговорност кај учениците, сметам дека предметот треба да се изучува во повеќе последователни години. Такви се и позитивните европски практики.
Не помалку важно е прашањето кој го предава предметот. Етика во религиите бара длабоко познавање на религиите, нивната етика и чувствителноста на темата, па затоа со право е предвидено во нормативот да го предаваат дипломирани теолози со завршени стручни студии од втор циклус по методика на наставата по религиско воспитание и образование. Теолозите се единствените кои можат професионално, академски неутрално и со почит кон различноста да ги обработат религиските содржини, токму како што е пракса во најголем дел од Европа.
Затоа сметам дека е потребно предметот да се врати во статусот задолжителен изборен, да се обезбеди негов континуитет во повеќе години и да се зачува нормативот за тоа кој ќе го предава овој предмет. Со тоа не се воведува веронаука во училиштата, туку напротив, се обезбедува квалитетно, современо, етичко и инклузивно религиско образование кое придонесува за формирање одговорни, емпатични и зрели млади луѓе.
Што се однесува до секуларноста на државата, таа не подразбира атеистички или диктаторски режим во една држава, туку систем на владеење во кој државата или власта е автономна во одлуките и не се меша во внатрешното уредување и одлуките на верските заедници. Така, и верските заедници не се мешаат во владеењето и одлуките на власта, односно во таа држава не постои теократски систем на владеење. Затоа, државата преку сопствениот Устав и закони дава целосни права на слободно исповедање на верата на верските заедници и на граѓаните, припадници на тие заедници, според демократските права и закони, без директно да се меша во работите на верата. Пример се многу секуларни држави во Европа каде што религиското образование е присутно во државните училишта и тоа со ништо не ја нарушува секуларноста на државите.

Годинава патронот го одбележавте со една конференција за теологијата и технологиите, навидум новото и старото, технолошкиот напредок секако допира и во животот на Црквата. Каков е ставот за вештачката интелигенција, дали едноставно кажано роботите ќе го заменат човекот?
-Секоја година празнувањето на нашиот патрон Свети Климент Охридски го дополнуваме со научна конференција на која се дискутираат различни теми. Оваа година одбравме една тема која вклучува мултидисциплинарен пристап и одговори за современиот технолошки развој во светот кој станува дел од нашиот живот и влијае врз психосоматската состојба на човекот. Технолошкиот развој се случува толку брзо што одговорите за последиците кои ги има врз луѓето е невозможно да се дадат веднаш. Гледаме како вештачката интелигенција навлегува во сите сфери на личниот и професионалниот живот, вршејќи влијание врз одлуките кои луѓето ги носат. Иако вештачката интелигенција „знае“ и „може“ многу да направи, сеуште прави грешки и е во постојан процес на учење, затоа не треба да ја сфаќаме сериозно за сѐ што ни кажува и да ги проверуваме информациите. Може да ни помогне побрзо да дојдеме до одредени информации или побрзо да завршиме некои задачи, но сепак останува само една напредна алатка која треба да се користи со расудување и внимание.
Што се однесува до роботите, во индустриското производство веќе заменуваат илјадници работници и веројатно и понатаму ќе се развива роботизираната индустрија бидејќи се зголемува брзото производство и брзо се надополнува големата побарувачка на производи. Роботите работат 24 часа, не спијат, не јадат, не се разболуваат, не бараат зголемување на платите итн. Дали роботите ќе нѐ заменат нас целосно? Не верувам. Една машина која нема душа, ум, разум, чувства, емоции, симпатија и емпатија, не може никогаш да стане личност каква што е човекот.
Сметам дека учесниците на нашата конференција дадоа одговори на некои од современите предизвици поврзани со новите технологии.
Деновите вселенскиот патријарх Вартоломеј и папата Лав XIV во заедничка декларација нагласија дека отфрлаат каква било употреба на религијата за оправдување на насилството. Сето тоа во рамки на посетата на папата на Турција, како негова прва странска дестинација чија главна цел е прославата на 1700-годишнината од Никејскиот собор. Ова ги покрена реакциите, особено на социјалните медиуми, за обиди за екуменизам, кој е вашиот коментар?
-Секако, религијата не може да биде оправдување на насилството во никаква форма. Особено христијаните немаат никакво оправдување во нивната вера да бидат насилни кон другите луѓе, бидејќи никаде во Новиот завет христијаните не се насочени кон насилство, туку само на љубов кон ближниот и кон Бога. На повеќе места во Новиот завет се зборува за љубовта (Мт. 5,44; Мк. 12, 33; Лк. 10, 27; Јн. 13, 34; Јн. 15, 12; Рм. 13, 8; Гал. 5, 13-14; Еф. 5, 2; 1 Јн. 4, 20 итн.), а никаде да бидеме насилни или да мразиме некого. Да го земеме примерот на нашиот Бог и Спасител Исус Христос и на мачениците, кои кога биле подложени на насилство не вратиле со насилство, туку со љубов и простување.
Прославата на 1700 години од одржувањето на Првиот вселенски собор во Никеја во 325 г., беше одбележана во сиот свет со соодветни научни конференции и комеморации на кои беше истакната важноста на одлуките на Соборот и донесениот Симбол на верата за христијаните. На тие настани се додаде и настанот во Турција, односно заедничкото прославување на овој голем јубилеј за Црквата, од страна на Цариградскиот Патријарх Вартоломеј и Папата Лео XIV. Заеднички беше прочитан и Симболот на верата, онака како што бил донесен и одобрен од Првиот вселенски собор во Никеја. Исто така, беше потпишан и документ за понатамошна соработка за соединувањето на двете, веќе со векови, разделени Цркви. Се разбира дека реакциите не задоцнија да се појават и се зборува за различни можни сценарија.
Екуменското движење постои уште од дваесетте години на XX век, а во 1948 г. е основан Светскиот совет на црквите, во кој учествуваат и повеќе помесни православни Цркви. Во 1979 г. е основана мешана комисија за теолошки дијалог помеѓу Римокатоличката и Православната црква. Повеќе од 45 години комисиите имаат средби и состаноци да го разјаснат догматското учење и литургиските разлики на двете цркви, со цел да се олесни помирувањето на двете страни, но без голем успех. Постои голема бездна помеѓу нас која станувала поголема со минувањето на времето од 1054 г., а учењето за одредени работи од догматска страна станувало различно од она предадено од светите апостоли и светите отци на црквата. Денес православните помесни Цркви уште немаат никакво догматско и литургиско општење со Римокатоличката црква. Затоа, потпишувањето на заедничкиот документ во Турција е само продолжување на екуменскиот дијалог кој веќе постои со Римокатоличката црква, не значи официјално помирување и стапување во литургиско и догматско општење со Римокатоличката црква. Потоа, потпишувањето на документот не е со консензус на сите православни помесни цркви, бидејќи голем број од поглаварите на православните Цркви не присуствуваа на настанот и не се потписници на документот. Целосна заедница со Римокатоличката црква ќе биде можна кога ќе имаме исто догматско учење и кога сите помесни православни цркви ќе се согласат на тоа. Засега нема потреба од грижи, продолжуваме со дијалогот.

Ќе може ли за нашите читатели да појасните кои се главните разлики меѓу православната и католичката вера?
На кратко, разликите меѓу православната и римокатоличката вера се:
- православните исповедаат дека Светиот Дух исходи само од Отецот, додека римокатолиците исповедаат дека Светиот Дух исходи од Отецот и од Синот, учење наречено Filioque, кое ќе биде причина за поделба на Црквата. Ова учење за тајната на Света Троица ќе се појави многу порано во Црквата, ќе предизвика бурни настани во истата, а во 1054 г. Црквата официјално ќе се подели;
- православните исповедаат дека Пресвета Дева Марија е родена природно од родителите Јоаким и Ана како секој човек кој ги наследува последиците на првородниот Адамов грев, додека римокатолиците исповедаат дека е родена без никакви последици од првородниот грев (учење за conceptio immaculata);
- православните исповедаат дека Христос е глава на Црквата, а епископите се само администратори на црквите и на тајните. Сите епископи се еднакви, цариградскиот патријарх е прв по чест, не по власт. Православните немаат папа; римокатолиците исповедаат дека папата е глава на Црквата, заменик на Христос на земјата, наследник на св. Апостол Петар, најголем од сите епископи;
- православните исповедаат постоење на рај и пекол; римокатолиците додаваат постоење на чистилиште (пургаториум);
- православните верници и свештеници се причестуваат со Телото и Крвта Христови, кај римокатолиците, свештениците се причестуваат со Телото и Крвта Христови, додека на верниците им се дава само Телото;
- во православната Црква, светата Тајна Миропомазание се администрира веднаш по светата Тајна Крштение, без разлика дали крстениот е дете или возрасен; во римокатоличката Црква, светата Тајна Миропомазание се администрира само на седумгодишна или осумгодишна возраст од страна на епископот;
Овие се на кратко едни од разликите во учењето на верата помеѓу православните и римокатолиците, секако постојат и други, но овде нема да ги наброиме. Овие учења се дел од екуменскиот дијалог со Римокатоличката црква и сеуште не се решени.

Неодамна почна божиќниот пост, престојат голем број празници, како правилно да се одбележат празниците?
-Постите се период на духовна и телесна подготовка за достоен и пристоен дочек на големите празници востановени од Црквата. Постот е една арена каде што се испитуваме самите себеси со цел да се спознаеме подобро и да се бориме со егоизмот во нас, преку воздржување и откажување од нашите омилени задоволства. Се бориме да се откажеме од лошото и да го здобиеме доброто, преку практикување на добродетели, поинтензивна молитва и исповед. Се разбира, учеството во молитвите на Црквата го препорачуваме, особено учеството на светата Литургија.
Престојат празници во божиќниот пост, кои претходат на празнувањето на Раѓањето Христово – Божиќ. Што треба да знаеме кога ги празнуваме овие празници? Празникот се одбележува со телесна и духовна подготовка, како што напоменав претходно, со молитви кои ги упатуваме кон светителот кој го празнуваме. Можеме да прочитаме Акатист посветен на светителот или други пократки молитви. Утрото, на самиот празник, добро би било да присуствуваме на света Литургија каде што ќе принесеме молитви кон Бога, кон Пресвета Богородица и празнуваниот светител, за наше здравје, за простување и за спасение. По светата Литургија, каков што е обичајот кај нас, се принесува леб (погача) и вино за благословување, како бескрвна жртва принесена на Бога каде што ги спомнуваме сите домашни по име за од Бога да добијат милост, живот, мир, здравје и спасение по молитвите на празнуваниот светител. Денот го поминуваме во мир и пристојност, во радост со домашните и нашите гости. Добро е да го знаеме животот на светителот, за да знаеме кој е заштитникот на нашиот дом или наш, ако го носиме неговото име. Добродетелниот живот на светителот да ни биде пример и поттик и ние да се обидеме да го подражаваме во нашиот живот, според нашите можности. Трпезата е посна и не приредуваме забави од причина што постот е период на каење, не за веселби.
За крај порака до читателите на МИА за претстојните празници и Божик како круна на овој период од годината?
На вашите читатели им посакувам да бидат сите во добро здравје, да бидат постојано насмеани и добри. Достојно и пристојно да го поминат постот како и празниците кои ни ја зголемуваат нашата духовна радост. Да се обидат да бидат подобри со секој поминат ден и да бидат пример за другите. Нема потреба да дојде Новата година за да си ветуваме на себеси дека ќе направиме нешто со својот живот во следната која ни претстои, почетокот на промената го правиме денес. Потоа само градиме на поставената основа. Празникот на Христовото раѓање кој полека ќе дојде, нѐ потсетува на љубовта која Бог ја има за светот и за луѓето, затоа Го прати Својот Син да се воплоти, да нѐ исполни со Неговата љубов и да ни покаже каков треба да биде човекот кој Бог го создал: добар, кроток, смирен, со грижа и пожртвувана љубов кон ближниот. Бог станува еден од нас за да нѐ освети и спаси, да нѐ направи членови на Неговата небесна Црква. Со радост да го дочекаме Божик и да се радуваме заедно со сите, бидејќи Бог е нашата радост и нашиот живот. За многу години денешниот празник и однапред да им го честитам Христовото раѓање на сите.
Фото: Фросина Насковиќ/МИА архива