За интерпелацијата за Јовески ќе се расправа на првата нова собраниска седница
- На првата наредна нова седница ќе биде ставена на дневен ред интерпелацијата за јавниот обвинител Љубомир Јовески поднесена од пратениците на Беса, Демократско движење и Алтернатива.
Скопје, 4 октомври 2023 (МИА) - На првата нова пленарна седница ќе биде ставена на дневен ред интерпелацијата за јавниот обвинител Љубомир Јовески поднесена од пратениците на Беса, Демократско движење и Алтернатива.
Од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери информираат дека одговорот на Јовески пристигнал до законодавниот дом во рокот даден во Деловникот односно вчера попладне по пошта, така што тој денеска се дистрибуира до пратениците, а интерпелацијата ќе се најде на дневен ред на првата наредна нова седница.
- Одговорот од страна на јавниот обвинител е доставен на време. И во моментот службата работи на тоа, и за кратко време ќе го добијат сите пратеници. Според наведените членови од Деловникот, интерпелацијата ќе биде на првата наредна ова седница. Претседателот на Собранието ги почитива сите рокови и постапува по Деловникот, информираат од Кабинетот на претседателот на Собранието.
Јавниот обвинител, како што наведуваат, ја примил интерпелацијата на 18 септември Треба да се достави одговор во рок од 15 дена од денот на приемот, односно до 2 октомври.
Врз основа на членовите 46 и 47 од Деловникот јавниот обвинител има право да поднесе писмен одговор најдоцна во рок од 15 дена од денот на приемот на интерпелацијата, односно до 02.10.2023 година. Ако Јавниот обвинител достави одговор интерпелацијата се става на дневен ред на седница на Собрание по истекот на 15 дена од добиениот одговор. Ако Јавниот обвинител не достави одговор до 02.10.2023 година интерпелацијата се става на дневен ред на првата наредна седница на Собранието, односно по 02.10.2023 година.
Пратениците од опозициските партии на Албанците кои ја поднесоа интерпелацијата денеска на прес-конференција обвинија дека претседателот на Собранието Талат Џафери не ја ставил во предвидениот рок точката за интерпелација на Јовески.
-Нашето основано сомнение е дека тој имал улога во поинакво насочување на судскиот процес што се водел во врска со пожарот на модуларната болница во Тетово, при што загинаа 14 пациенти, рекоа претставниците на Алтернатива, Беса и Демократско движење. ев/са/
ФОТО: МИА Архива