• четврток, 21 ноември 2024

За да нема нелегални абортуси ФЗО да ги покрие трошоците, апелираат ХЕРА и гинеколозите

За да нема нелегални абортуси ФЗО да ги покрие трошоците, апелираат ХЕРА и гинеколозите

Скопје, 28 септември 2024 (МИА) –  Абортусот е легален во нашата држава, но трошоците се високи и не се покриени од државното здравствено осигурување и затоа се уште има случаи на нелегален абортус, истакна програмската раководителка на програмата за сексуална и репродуктивна грижа во Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување – ХЕРА Ева Спасовска. 

По повод Меѓународниот ден за пристап до безбеден и легален абортус Асоцијацијата реализираше обука за гинеколози на тема „Медикаментозен абортус и модерна контрацепција“, со обраќања и на директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Ирена Алексиоска Папестиев и на д-р Глигор Тофоски, специјалист гинеколог во Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

– Република Северна Македонија во мигот располага со Закон за прекин на бременост, којшто ги унапредува значително сексуалните и репродуктивните слободи и права на жените од оваа држава, меѓутоа состојбите на терен ни упатуваат дека се уште се соочуваме со низа на предизвици, на којшто треба да работиме и истите треба да бидат надминати. Иако абортусот е легален во нашата држава, сепак тој по барање на жената, поради економски и социјални причини, не е покриен од страна на државното здравствено осигурување. Ова покажува дека има високи трошоци за абортусот, а таквите високи трошоци доведуваат до тоа се уште да сведочиме на случаи на нелегален аборуст, вели Спасевска.

Од клучно значење е, вели Спасевска, лековите кои што се користат за медикаментозниот абортус да бидат регистрирани, бидејќи иако медикаментозниот абортус е достапен и легален во земјава, лековите се уште не се регистрирани.

Директорката на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство, Алексиоска Папестиев, вели дека во повеќе од 80 отсто на случаите за прекин на бременоста во Клиниката, се со употреба на медикаменти.

– Ова е безбедна опција каде што по претходно поликлиничко упатување од страна на доктор се изведува во домашни услови. Метода која што веќе повеќе од три децении се упоребува во западно-европските држави и веќе кај нас последните три-четири години, зборувам за нашата институција, во над 80 отсто е метод на избор кај нашите пациенти, тоа е истиот процент којшто е застапен во западно-европските држави. Ако во 2020 година само 60 отсто од пациентите беа терминирани со оваа безбедна опција, податоците од лани покажуваат дека дури 87 отсто од жените биле терминирани со оваа безбедна метода, а веќе податоците обработени за оваа година тој процент е пораснат на 97 отсто, рече Алексиоска Папестиев.

Процентот на компликации е многу помал, додаде, споредено со онаа хируршка метода која што бара хоспитализација и е проследена со поголем број на компликации којшто се јавуваат во тек на изведување на хируршкиот начин.

– Една од најголемите причини за мајчина смртност, посебно во раната возраст на жената, претставува последица, односно компликација на негелно спроведени абортуси која што е крајно опасна метода, а ние денеска имаме легална, крајно сигурна, регистрирана во нашата држава, меѓутоа она што го кажа претходно претставничката на ХЕРА, треба да се најде дослух да бидат покриени контрацептивните методи и оваа безбедна и легална метода ќе најде поширока примена во сите здравствени установи, додаде Алексиоска Папестиев.

Првото апче треба да се испие кај докторот во ординација, појасни д-р Тофоски, додека останатиот дел во домашни услови.. 

– Она што е битно е дека докторите, континуирано во сите овие години со помош и на експерти од странство, се едуцирани и знаат како безбедно да ја применат методата, за на крај да се добијат и позитивните ефекти. Оваа метода некаде преку 97-8 проценти уверува дека воопшто нема потреба од киретажа, нема потреба од антибиотици и сите компликации кои што можат да се случат на хируршкиот начин се превенираат и не можат да се случат, појасни Тофоски. ра/лв/

Фото: МИА

 

Остани поврзан