• петок, 05 декември 2025

Започна реконструкцијата на поранешното кино „Партизан“ во Битола

Започна реконструкцијата на поранешното кино „Партизан“ во Битола

Битола, 17 јуни 2025 (МИА) – Премиерот Христијан Мицкоски, денеска заедно со министерот за култура и туризам Зоран Љутков и градоначалникот на Општина Битола Тони Коњановски, го претстави новиот проект и реконструкција на поранешното кино „Партизан“ во тој град.

Реконструкцијата на некогаш култното културно катче во Битола ќе значи додадена вредност во квалитетот на животот на битолчани, посочи премиерот Мицкоски.

– Битола во рамките на нашиот периметар е на најголем фокус, така било и така ќе остане. Освен овој објект се надевам дека во следниот мандат на градоначалникот Коњановски ќе почнеме уште еден догоочекуван проект, а тоа е спортската сала, истакна Мицкоски и потсети дека во Битола се градат пречистителна станица, завршува проектот топлификација, се градат училишта, градинки...за што во Битола влегуваат околу 100 милиони евра.

Со реконструкцијата на киното „Партизан“ како нов мултуфункционален објект, ние покажуваме дека Битола повторно ја креваме на педесталот на македонската култура, истакна министерот за култура и туризам Зоран Љутков.

– Потпишан е договорот со изведувачите и надзорниот орган, а тоа значи дека може за брзо време да почне реконструкцијата на објектот. Поранешното кино „Партизан“ нема да биде само кино, туку мултифункционален објект кој ќе се користи за кино, театар, изложби, други настани...и ќе биде самоодржлив објект. За реконструкција на киното одобрени се 96 милиони денари и потпишана е три годишна јавна набавка, но доколку динамиката оди побрзо, средствата ќе бидат обезбедени. Со ова покажуваме дека Битола е градот на културата, а со овој објект покажуваме дека Битола повторно ја креваме на пиедесталот на македонската култура, изјави министерот Љутков.

Во изјава за медиумите, јавна благодарност за владината поддршка на општината искажа градоначалникот Тони Коњановски.

– Киното „Партизан“ буди спомени на времето кога го посетувавме. Но, Битола е градилиште бидејќи десеттина се во тек или завршуваат. Почнавме изградба на спортска сала за боксерите, се дооформува јужната трибина на стадионот „Петар Милошевски“, а со премиерот ќе ги посетиме објектите каде се градат детски градинки. Очекуваме со владина помош да се гради и нова обиколница на влезот во Битола која градот ќе го поврзува со Општина Новаци, истакна градоначалникот Коњановски.

На новинарско прашање во врска до динамиката околу изградбата на сообраќајниот влез во Битола, одговор даде премиерот Христијан Мицкоски кој искажа незадоволство од динамиката на градбата на сообраќајницата.

– Морам објективно да кажам дека и покрај се што општината прави, јас несум задоволен од динамиката на изведување на работите и тоа е порака до изведувачот затоа што има уште седум месеци до рокот, а не се завршени 30 проценти од договореното. Очекувам да се забрза таа динамика и рокот да се испочитува затоа што тоа нормално предизвикува фрустрации кај битолчани. Проектот кој што е децениски, наместо да се гради во рамки на динамиката, јас видов дека динамиката не соодветствува со предивденото и затоа јас лично ќе го следам развојот на овој проект, истакна премиерот Мицкоски на прес конференција во Битола. мт/ра

Фото: МИА

 

Остани поврзан