Започна постапката за конституирање Локално собрание за млади во Пехчево
- Во Пехчево почна постапката за конституирање Локално собрание за млади. За таа цел како што информираат од Општината во тек е јавниот повик за формирање на иницијативниот одбор кој, како што

Пехчево, 16 јуни 2021 (МИА) - Во Пехчево почна постапката за конституирање Локално собрание за млади. За таа цел како што информираат од Општината во тек е јавниот повик за формирање на иницијативниот одбор кој, како што додадоа, ќе биде неформална група и ќе ја има улогата за конститутирање на Локално собрание за млади.
-Иницијативниот одбор ќе биде составен од пет члена, а во него може да членуваат претставници на младински организации, политички подмладоци, ученички и студентски организации, други облици на младинско здружување кои работат и функционираат на територијата на општината, како и млади лица на возраст од 15 до 29 години, информираа од Општината.
Меѓу главните улоги и задачи на Иницијативниот одбор ја напоменаа соработката со општината при одржување и организирање на конститутивното локално собрание за млади.
-Исто така, неминовна ќе биде поддршката на општината во креирањето или ревидирањето на актите кои го уредуваат формирањето на Локалното собрание на млади, по што, по принципот на јавност и транспарентност ќе се реализираат активности во согласност со општинскиот статут, додадоа од Општината.
Мандатот на членовите на Иницијативниот одбор трае до одржување на конститутивното Локално собрание на млади, а од општината дополнија дека по јавниот повик заинтересираните дополнително ќе бидат известени за понатамошните активности за реализација на оваа иницијатива. вс/сст/