• понеделник, 23 декември 2024

Заплови суперјахтата „Еврима“

Заплови суперјахтата „Еврима“

Лос Анџелес, 21 октомври 2022 (МИА) - Првата од трите предвидени луксузни суперјахти од колекцијата на „Риц-Карлтон“ (Ritz-Carlton Yacht Collection), којашто е во сопственост на познатиот синџир хотели под ист назив, тргна на своето прво патување.

Јахтата „Еврима“, што на грчки значи „откритие“, ќе плови по Средоземното Море и кај Карибите, а ќе ги посетува и Средна и Јужна Америка. Патувањата ќе траат седум до 10 дена. Таа требаше да исплови пред три и пол години, но дури сега го почна своето прво патување. Исплови од Барселона, Шпанија, тргнувајќи на седумдневно крстарење коешто ќе заврши во Ница, Франција. Пловилото е долго 190 метри и може да прими 298 патници. Има 149 кабини со приватна тераса, како и прозорци од под до таван. Патниците можат да уживаат во базенот, разно вино, спа и забавите што ги нуди ноќниот клуб. На патувањата по Средоземјето, крстарењето чини 6.400 долари по лице, додека патувањето по Карибите чини 5.100 долари. Кога станува збор за сместувањето, може да се избере меѓу стандардна кабина, двокатен апартман и простран апартман со приватно џакузи. Во услугата се обезбедени и забавни програми за деца. Доцнењето на пуштањето на суперјахтата во употреба, е последица на проблеми во синџирот на снабдување, како и на корона-пандемијата. Во изградба се уште две јахти - „Илма“ и „Луминара“. Тие се градат во бродоградилиште во Сен-Назер, Франција. Сите три јахти ќе бидат достапни за приватно поединечно користење, но цената за таа услуга не е соопштена. Претходно, и синџирот „4 сизнс“ најави изградба на суперјахта долга 207 метри со 14 палуби и 95 апартмани. Таа треба да биде готова до 2025 година.  си/

Остани поврзан