Законот за здруженија и фондации ќе биде објавен на ЕНЕР до крајот на октомври
- Во Министерството за правда е формирана работна група за изготвување на нов Закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение
Скопје, 7 октомври 2022 (МИА) - Во Министерството за правда е формирана работна група за изготвување на нов Закон за здруженија и фондации, со кој ќе се доуредат условите врз основа на кои ќе може да се регистрира здружение. Како што информираат од Министерството за правда, се работи на подготовка на Законот, а најдоцна до крајот на октомври ќе биде објавен на ЕНЕР каде сите заинтересирани лица ќе можат да дадат свои мислења, забелешки и сугестии.
По објавувањето на ЕНЕР, ќе следат и одржување на јавни расправи, а од Министерство за правда, посочуваат дека целта на измените на законот е подобрување на правната рамка во делот на одредбите кои се однесуваат на регистрација на граѓански организации, дефинирање на статус на непрофитни организации како и начинот на нивно финансирање.
- Во нашето законодавство, слободата на здружување е уставно загарантирано право (член 20 став 1 од Уставот) и се остварува преку основање на здруженија, фондации и други субјекти. Постојната правна рамка, со внимателно повикување на судската пракса на Европскиот суд за човекови права е доволна за надлежните институции, ако се доведе во прашање називот на организацијата со одредена контроверзна историска личност, да ги следат и оценат суштински како програмските така и дејствијата на организацијата и нејзините членови пред да донесат каква било одлука за забрана на упис или забрана за дејствување, се вели во соопштението од МП.
Во меѓувреме, со цел, како што посочуваат од МП, да се спречат и превенираат одредени состојби, формирано е советодавно тело за давање мислење за употреба на име на историска и друга позната личност во името на здружение и друго правно лице.
- Улогата на ова тело ќе биде советодавна, односно ќе дава мислење за карактерот на историските личности, начинот на кој ќе се формираат здруженијата со цел да се избегне злоупотреба на одредени личности кои имаат негативен контекс низ различни епохи. Советодавното тело за својата работа до Владата ќе треба да достави годишен извештај, најдоцна до првата половина на месец март во тековната година за претходната година, заради нејзино информирање, информираат од Министерството за правда. аа/ац/