Заев во Чучер-Сандево: Масовно да излеземе в недела и да ја потврдиме правилната насока на општините и државата
- Претседателот на СДСМ Зоран Заев во Чучер-Сандево порача дека в недела граѓаните се исправени пред изборот дали да продолжи напредокот и развојот на општините или, како што рече, „ќе се враќа
Скопје, 29 октомври 2021 (МИА) - Претседателот на СДСМ Зоран Заев во Чучер-Сандево порача дека в недела граѓаните се исправени пред изборот дали да продолжи напредокот и развојот на општините или, како што рече, „ќе се враќаме назад во темното минато“.
- Знам дека граѓаните на Чучер-Сандево се мудри и знаат да препознаат кој се грижи за општините и државата, кој обезбедува повисоки плати и пензии, кој ги унапредува демократијата и слободата, а кој парите на граѓаните ги троши на споменици, на бикови и палми, кој внесува поделби и кој се заканува со враќање режим. Јасна е разликата помеѓу нас и ВМРО-ДПМНЕ поддржана од Левица. Ние водиме напред, тие упорно се обидуваат да не повлечат назад. Но тоа нема да им успее. рече Заев.

Тој повика на масовна излезеност во недела и поддршка за концептот и кандидатите на СДСМ и коалицијата.
- Потребна е масовна излезност во недела. Да не дозволиме да се врати режимот во каков било облик. Потребно е да го потврдиме правилниот правец по кој треба да продолжат општините и државата, тоа е правецот кој носи повисоки плати, повеќе локални проекти за локален развој. Затоа во недела да гласаме за број 12 за Сашо Комненовиќ за Чучер-Сандево да добие одговорен, посветен градоначалник, истакна Заев.
Претседателот на СДСМ рече дека Владата што ја предводи покажа сериозна респонзивност и секој пат беше тука за граѓаните.
-Поминавме тешки периоди, донесовме сериозни државнички одлуки. Денеска нашата земја чекори напред, денеска сме прогресивен свет, почитувани од целиот свет, со соседите имаме одлична соработка, развивме Опен Балкан, развиваме Берлински процес, интегрирани сме во сите меѓународни институции и денеска предизвиците кои се пред нас исправени се предизвици на подобра инфраструктура, вработени млади луѓе, повисоки плати и пензии, повисок економски стандард. Сите крупни прашања коишто ги решивме во целиот овај период зад нас, сите беа само за една цел: повисок економски стандард на нашиот народ. И тука не застануваме - следните четири години се одличен мегдан да оставиме траен убав печат за подобар економски живот на луѓето. Затоа почитувани мои сограѓани, борба за победа во недела, сите да се радуваме, рече Заев. хс/цр