• понеделник, 23 декември 2024

Заврши церемонијата на крунисувањето, поворката се упати назад кон Бакингемската палата

Заврши церемонијата на крунисувањето, поворката се упати назад кон Бакингемската палата

Лондон, 6 мај 2023 (МИА) - Двочасовната церемонија на крунисување на новиот британски крал Чарлс Трети заврши во 13 часот по локално време, а поворката ја напушти Вестминстерската опатија и се упати назад кон Бакингемската палата.

Кога крунисаната двојка ја напушташе опатијата, се свиреше националната химна, а потоа поворката се упати кон палатата по истата рута по која се движеше до опатијата, но во старата Златна кочија.

Британскиот крал Чарлс Tрети беше крунисан на церемонија во Вестминстерската опатија со круната на Свети Едвард ставена на главата, моментот обележан со плотуни низ Обединетото Кралство. 

Чинот на крунисувањето се одржа на половина од двочасовната церемонија предводена од надбискупот од Кентербери, Џастин Велби. 

Тој побара од кралот потврда дека ќе ги почитува законите и англиската црква за време на неговото владеење. Чарлс Трети ја положи заклетвата и потврди дека е „верен протестант“.

Десетина минути по него, беше крунисана кралицата Камила (75), втората сопруга на Чарлс, на која новиот британски крал и е втор брачен партнер.

Во последниот дел од церемонијата, кралот и кралицата се причестија, што е главниот дел од христијанската црковна служба. 

Крунисаната двојка се приклучи на поворката што ја напушти опатијата, придружена со националната химна и се врати во Бакингемската палата по истиот пат. 

По крунисувањето, низ улиците на главниот град започнува парада на илјадници војници и коњаници. паг/

Фото: ЕПА

 

 

 

Остани поврзан