• понеделник, 25 ноември 2024

Заврши Фестивалот на мала школа за краток филм во Битола

Заврши Фестивалот на мала школа за краток филм во Битола

Битола, 1 ноември 2024 (МИА) -  Во Битола заврши четвртиот  Фестивал на мала школа за краток филм „Petite École du film court“. Фестивалот е во рамки на официјалната програмата за одбележување на 4 Ноември, осумдесет години од денот на  ослободувањето на Битола.

Организатор на фестивалот е  Здружението AYE AYE VO/Меѓународен филмски фестивал Нанси, кое има дваесетгодишно искуство  во работата со младата публика и приближувањето со сите форми и жанрови, претставени со кратки филмови, прилагодени на возраста на децата. Акциите кои ги спроведува кај младата публика, се дел од „воспитувањето“ преку филм или сега наречено „Филмска писменост“. Нивната долгогодишна акција е призната од Француското министерство за култура и Националниот центар за филмска уметност на Франција – ЦНЦ. Поради тоа фестивалот доби финансиска поддршка од Општината Битола. Францускиот институт од Скопје и Француската алијанса од Битола  исто така се партнери на Фестивалот.

 Фестивалот почна со проекции во Основното училиште „Славко Лумбарковски“ во Новаци.

Првпат во четиригодишното одржување во Битола, четирите програми поделени според возрастите на децата  од 5-7 години, од 7-9 години, од 9-12 години и од 12 до 15 години, беа исти како тие наменети за француските деца. Во зависност од возрасната група, кинематографските дела се меѓународни, емитувани  на оригиналниот јазик и титлувани на  француски за проекции во Франција, титлови на македонски за проекциите во Македонија.

-Целта на претставените филмови е да се запознаат децата со светот на кинематографијата од друг агол, од оној на платформите, социјалните мрежи и телевизијата и да им се помогне да го развијат своето критичко размислување, да направат   чекор назад од сликата која ја гледаат. Тимот на фестивалот, претставен во Битола од Бландин и Тони Гламчевски како носители на проектот, ги придружуваше овие филмови. Децата беа охрабрени да разговараат на крајот од проекциите, да ги слушаат другите, да даваат свои  мислења, да ги споделат своите чувства и емоции, соопшти организаторот.

Во рамки на Фестивалот, првоодделенците ги погледлнале филмовите „Гитара во морето“ и „Грамофонот“, а повозрасните ученици дебатирале за мобинг,  тема обработена преку канадскиот филм од Квебек – „Трик/Надмудрување“, борбата против сексизам и силување на француските средношколци обработени преку филмот „Крок-Топ“. Дебатирале и за потребата за заштита на нашата планета преку анимираниот филм „Осмиот ден“ или сведоштвото на Јулија-Јутка за депортирањето на евреите од последното гето во Полска, преку анимираниот полски филм „Несоницата на Јутка“. На Фестивалот биле претставени вкупно 17 кратки филмови, сите со свои пораки или теми за дискусии, кои, како што наведуваат, одлично се вклопуваат во школската програма во нашата држава и во Франција.

Според наставниците, кои ги донеле своите ученици на проекциите, за филмовите ќе продолжат да зборуваат и по враќањето во нивните училници. Сите проекции на Фестивалот биле бесплатни.

Организаторите на фестивалот организирале и работилница со наставниците од битолските училишта на која се запознале со начинот на работата на воспитните ателјеа наменети за децата за воспитување преку краток филм.

Воспоставената соработка со Центарот за култура во Битола и Здружението AYE AYE VO/FIF Nancy трае веќе пет години, бидејќи едно издание од Фестивалот на малата школа за краток филм беше откажано поради пандемијата со ковид, а заедно соработуваат и при организирањето на Меѓународниот етнографски филмски фестивал „Илинденски денови“ – Битола. мд/са/

Фото: Здружение  Здружението AYE AYE VO/Меѓународен филмски фестивал Нанси

 

Остани поврзан