• понеделник, 23 декември 2024

Заврши изградбата на амфитеатарот со ротирачка купола на Китино кале

Заврши изградбата на амфитеатарот со ротирачка купола на Китино кале

Кичево, 3 јули 2021 (МИА) - Дел од проектот за ревитализација на Китино кале, финансиски поддржан од Светска банка со 90 проценти, е амфитеатарот со ротирачка купола лоциран на највисоката кота на ова ритче во центарот на Кичево. Проектот е целосно завршен и наскоро може да им се стави на располагање на граѓаните и пред се љубителите на културата и музичко-сценски настани.

-По примерот на Битола и Охрид, и Кичево доби амфитеатар на најатрактивната локација во градот, лоциран на највисоката кота на Китино кале, ритче во самото средиште на градот. Овој дел од проектот за ревитализација на Китино кале по својата замисла е единствен во земјава бидејќи поседува ротирачка купола и може во текот на иста вечер да се следат културни случувања од две страни. Ротирачката купола е прилагодлива за настани од источната страна каде што е лоциран и амфитеатарот со 250 седишта и од западната страна каде се поставени клупи за седење и каде можат да се сместат стотина гледачи, рече проект-координаторот Дарко Белески од Општина Кичево.

Нагласи дека изградбата на овој амфитеатар може да придонесе за збогатување на културната понуда во градот бидејќи атрактивноста на просторот ќе биде примамлива и за гости од повеќе градови во земјава.

Белески дополни дека и останатите содржини поврзани со проектот за ревитализација на Китиното кале се при самиот крај на изградбата и најдоцна до крајот на јули ќе бидат целосно финализирани. Нагласи дека е неопходно на калето да се ангажира 24-часовно обезбедување за да се зачуваат од оштетувања сите содржини вклучени во овој проект, бидејќи  дел од овие содржини уште сега имаат претрпено одредени оштетувања од неодговорни граѓани. за/мд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан