• недела, 22 декември 2024

Завршија ненадејните вежби на руската флота во Пацификот

Завршија ненадејните вежби на руската флота во Пацификот

Москва, 20 април 2023 (МИА) – Руската војска денеска соопшти дека ги завршила ненадејните вежби на својата флота во Пацификот, најавени минатата недела, а одржани во услови на зближување со Кина и тензии со Западот.

- Ненадејните вежби го потврдија високото ниво на воена подготвеност на Пацифичката флота за исполнување на мисии насочени кон одбивање на агресија од можен непријател, соопшти руското Министерство за одбрана.

Министерството прецизира дека во тие седумдневни маневри учествувале повеќе од 25.000 војници, 89 авиони и хеликоптери, како и 167 бродови, вклучително и 12 подморници.

Според руското Министерство, флотата се обучувала за одбивање воздушни напади, откривање и уништување подморници и гаѓање со проектили, артилерија и торпеда.

Руските бомбардери вршеа летови во „централниот дел“ на Тихиот Океан, тренирајќи за напади на групи бродови.

Вежбите беа одржани за време на посетата на кинескиот министер за одбрана Ли Шангфу на Русија. Кинескиот министер, кој беше примен од рускиот Владимир Путин минатата недела во Кремљ, ги пофали „многу силните“ врски меѓу Москва и Пекинг кои, како што рече, ги надминуваат воено-политичките сојузи од ерата на Студената војна“. јт/

Фото: Фејсбук профил на руско МО

Остани поврзан