• сабота, 28 декември 2024

Правописни грешки на налепниците на новите автобуси, ќе се заменат пред да бидат пуштени во сообраќај

Правописни грешки на налепниците на новите  автобуси, ќе се заменат пред да бидат пуштени во сообраќај

Скопје, 26 ноември 2024 (МИА) – Забележани се правописни грешки на ориентационите налепници на новите еколошки автобуси кои ги донираше Европската унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, соопштија од Министерството за животна средина и просторно планирање.

Како што наведуваат во соопштението, налепниците на еколошките автобуси се на македонски, албански и англиски јазик, додека правописните грешки се забележани само на македонски и албански јазик.

– Новите автобуси со компримиран природен гас, кои денеска преку УНОПС беа испорачани на Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) во Скопје, а се донација од Европската Унија преку проектот „ЕУ за чист воздух“, пристигнаа во Северна Македонија со ориентациони налепници на македонски, албански и англиски јазик од странскиот инвеститор, а на нив се забележани правописни грешки на албански и македонски јазик, се наведува во соопштението.

Од МЖСПП додаваат дека веќе се изготвени нови налепници и тие ќе бидат заменети пред да бидат пуштени во употреба шестте еколошки автобуси.

– Грешките се веднаш воочени и изготвени се нови налепници од страна на УНОПС, кои ќе бидат заменети пред пуштањето во употреба на шестте еколошки автобуси, наменети за подобрувањето на квалитетот на воздухот во градот Скопје, стои во соопштението на МСЖПП. ра/ац/

Фото: МИА архива

 

Остани поврзан