• петок, 22 ноември 2024

Жителите на Ново Маало во одбрана на проектот спроти Холидеј ин, сметаат дека ќе ги реши нивните проблеми, инвеститорот за утре најави јавна презентација

Жителите на Ново Маало во одбрана на проектот спроти Холидеј ин, сметаат дека ќе ги реши нивните проблеми, инвеститорот за утре најави јавна презентација
Скопје, 13 април 2021 (МИА) - Жителите на населбата Ново Маало во Центар сметаат дека со проектот кој е предвиден да се гради на парцелата спроти Холидеј ин ќе се реши проблемот на многу семејства кои, како што велат, сé уште живеат во супстандардни услови, како да е 19 век или биле приморани да ги напуштат своите куќи. - Нецивилизирано место за живеење, во септички јами живеење, без одвод, буквално 19 век и сето тоа се чека заради сите тие превирања на институции – сега ќе го направиме, сега ќе го направиме, а досега ништо. Верувам дека ова е последен апел, дека треба да се почне веднаш и сега. Греота е за овие 100 до 200 фамилии што се наоѓаат на целиот простор, затоа го оправдуваме овој проект, рече денеска во изјава за медиумите Игор Стојанов, жител на Ново Маало. Љупчо Велков, кој е исто така жител на оваа населба, изрази револт бидејќи други одлучуваат за местото каде тие живеат. - Ние сме газди на овие куќи. Кога ќе се изградат тие згради во планот сме и ние, рече Велков, додавајќи дека не разбира зошто на некого ќе му пречат три висококатници. Откако проектот предизвика контроверзии помеѓу граѓаните, викендов се огласи инвеститорот „МГ Фешн“ кој нагласи дека на Холидеј Ин се проектира урбан и зелен комплекс и објекти со тројно намалена катност. За утре најавија јавна презентација на проектот, а за визуелизациите кои се споделува на интернет, велат дека се неточни. На социјалните мрежи веќе се спроведува онлајн петиција со наслов „Петиција против изградба на висококатници на парцелата спроти Холидеј Ин“. Досега петицијата ја потпишале 8.646 граѓани. Градоначалникот на Општина Центар Саша Богдановиќ денеска на прес-конференција рече дека стручни комисии докажале оти планот не е во согласност со Генералниот урбанистички план. - Ние покренуваме, донесовме мораториум еднаш, донесовме мораториум втор пат иако не смееме. Јас се соочив со кривична одговорност и денес секој може да ме гони кривично затоа што по одлука на Уставен суд, носам повторно одлука. И еве сега, пак застанувам јавно и кажувам сите предмети ги доставуваме до надлежни институции за да преземат нешто. Имаме неусогласен план, стручни комисии го докажале тоа. Постапуваме по тоа, но ако некој не го фати за гуша тој што направил план во 2012 година, тој што го одобрил, џабе ние расправаме тука. Уставен суд ви вика тоа е законски и дека не можете тоа да го направите, точно надминати се параметри, но не сте во право, рече Богдановиќ. Според претседателката на Државната комисија за спречување корупција Билјана Ивановска, градоначалникот треба да размисли пред да ја донесе одлуката за давање на дозвола на планот и да ги испита сите можности за да го стави планот под суспензија. Изгледот на зградите кај хотелот „Холидеј Ин“ за прв пат беше презентиран преку фотографија во вчерашната „Топ Тема“ на Телма. Архитектот Мартин Пановски рече дека во зградата се предвидени 400 станови, во кои би требало да живеат 1.200 до 1.300 луѓе. мс/ац/

Остани поврзан