Жиру разочаран го напушта Лос Анџелес
- Оливие Жиру призна дека неговиот краток престој во Лос Анџелес ФК бил разочарувачки, иако ќе ги цени пријателствата и трофејот што го освои во МЛС.
Лос Анџелес, 30 јуни 2025 (МИА) - Оливие Жиру призна дека неговиот краток престој во Лос Анџелес ФК бил разочарувачки, иако ќе ги цени пријателствата и трофејот што го освои во МЛС.
Напаѓачот е нетрпелив повторно да заигра во Франција по 13 години отсуство и синоќа потврди дека ќе му се придружи на Лил за да го започне следниот предизвик во својата кариера.
Најдобриот стрелец на сите времиња во историјата на француската репрезентација се збогува со тимот од Л.А., не постигнувајќи гол и го напушти теренот во 60-тата минута со болки во тетивата во поразот од Ванкувер (1-0). Тој имаше шанса да постигне гол на почетокот на второто полувреме, но ја префрли топката со волеј преку пречката.
Жиру, сепак, доби овации од навивачите на стадионот кои го поддржуваа, и покрај тоа што постигна само пет гола во 38 настапи за клубот.
-Сакам да можев да имам поголемо влијание врз тимот, врз резултатите. На крајот на краиштата, тоа беше добро искуство. Очигледно не можам да останам подолго, па затоа ми треба нов тим. Треба повторно да се предизвикам себеси и кога добив можност да се вратам во Франција, едноставно ја искористив. Не сакам ништо друго освен најдоброто за клубот. Се обидов, дадов сè од себе тука, рече тој.
Жиру беше под договор до крајот на тековната сезона, но двете страни се согласија да се разделат за да може да замине на слободен трансфер. Напаѓачот потврди дека наскоро ќе му се придружи на Лил, кој минатата сезона заврши петти во Лига 1, со цел да обезбеди место во Лигата на Европа.
-Мислам дека Французите се среќни што Пол Погба и јас се вративме во француската лига, рече Жиру за својот пријател и соиграч во француската репрезентација, кој потпиша со Монако.
Жиру не играл во Лига 1 од 2012 година, кога го напушти Монпелје за да започне шестгодишен престој во Арсенал. Потоа ги освои Лигата на шампионите и Лигата на Европа со Челси, пред да ја освои и титулата во Серија „А“ со Милан.
Французинот се приклучи на Лос Анџелес ФК во јули 2024 година, но призна дека не успеал да се вклопи во системот што го користат тимот и тренерот Стив Черундоло. дс
Фото: Архива