• среда, 27 ноември 2024

ЕУ и Нов Зеланд потпишаа договор за слободна трговија

ЕУ и Нов Зеланд потпишаа договор за слободна трговија

Брисел, 9 јули 2023 (МИА) – Европска Унија и Нов Зеланд потпишаа договор за слободна трговија што, според Брисел, треба да резултира со зголемување на трговската размена за 30 отсто во следните десет години.

Претседателката на Европска комисија Урсула фон дер Лајен го поздрави „амбициозниот“ и „урамнотежен“ документ.

- За нас Нов Зеланд е клучен партнер во Индо-пацифичкиот регион и овој договор уште повеќе ќе нè зближи, истакна Лајен.

Новозеландскиот премиер Крис Хипкинс верува дека договорот содржи „огромни придобивки“ за двете страни.

Со Договорот годишниот извоз од ЕУ може да се зголеми за 4,5 милијарди евра, а инвестициите на ЕУ во Нов Зеланд потенцијално би можеле да се зголемат до 80 проценти. Почнувајќи од првата година на примена, царините за компаниите од ЕУ може да се намалат за околу 140 милиони евра годишно.

Договорот беше склучен во јуни 2022 година, по четири години преговори.

ЕУ е трет најголем трговски партнер на Нов Зеланд, а билатералната трговија изминатите години постојано се зголемува за лани да достигне речиси 9,1 милијарди евра.

Договорот за слободна трговија ќе ги либерализира и олесни трговијата и инвестициите и ќе промовира поблиски економски односи, што ќе отвори значителни економски можности за бизнисите и потрошувачите од двете страни.

Договорот сега треба да биде одобрен од Европскиот парламент и ратификуван од Нов Зеланд. Потоа двете страни меѓусебно ќе се известат за завршувањето на нивните внатрешни процедури и договорот потоа може да стапи во сила. ми/

фото: ЕПА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан