• петок, 22 ноември 2024

ЕУ времено го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти 

ЕУ времено го заостри визниот режим со Етиопија поради „несоработка“ во реадмисијата на азиланти 

Брисел, 29 април 2024 (МИА) - Советот на ЕУ денеска реши времено да суспендира одредени одредби од одлуката со кој се регулира издавањето визи за државјаните на Етиопија.  

Со денешната одлука се укинува ослободувањето од обврската за поднесување на доказите што треба да ги достават апликантите за виза, се забранува издавањето на повеќекратни визи и се укинува ослободувањето од обврската за плаќање визната такса за имателите на дипломатски и службени пасоши. 

Дополнително, како што јави дописникот на МИА од Брисел, рокот за одговор на поднесената апликација за виза се продолжува од досегашните 15 на 45 календарски дена. 

Ваквата одлука на Советот на ЕУ е донесена врз основа на оценката на Еврокомисијата дека „соработката на Етиопија на полето на реадмисија на нејзините државјани кои илегално престојуваат во ЕУ е недоволна“.  

Според ЕК, има недостиг на одговори од страна на етиопските власти во однос на барањата за реадмисија и постојат потешкотии со издавањето на итни патни документи и со организација на враќањето на одбиените баратели на азил. 

Одлуката за суспензија е привремена, но нема конкретен краен рок на нејзината важност, туку тој ќе зависи од понатамошната оценка на Комисијата за постигнатиот напредок во соработката за реадмисија од страна на Етиопија. 

Европската комисија редовно ја оценува соработката на трети земји во процесот на реадмисија на илегалните мигранти и одбиените баратели на азил. Врз основа на овие оценки, ЕК може да заклучи дека соработката на одредена трета земја при реадмисијата е „недоволна“ и може да ја суспендира одлуката за визна либерализација или да го заостри постојниот режим за издавање визи. 

Во случајот на Етиопија, Еврокомисијата процени дека има „особено ниска стапка на реадмисија“ и се издадени мал бројот на патни документи врз основа на барањата за враќање на етиопските државјани во нивната матична земји, што во целост е оценето како „ниско ниво на соработка“. сп/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан