• недела, 22 декември 2024

ЕУ бара „Епл“ да прекине со дискриминирање на европските потрошувачи врз основа на местото на живеење 

ЕУ бара „Епл“ да прекине со дискриминирање на европските потрошувачи врз основа на местото на живеење 

Брисел, 12 ноември 2024 (МИА) - Европската Мрежа за соработка во заштитата на потрошувачите (ЦПЦ) и Европската комисија по заеднички спроведената истрага упатија барање до компанијата „Епл“ да прекине со праксата на ограничувања на пристапот до нејзините онлајн платформи врз основа на географски пристап, со што незаконски ги дискриминираат европските потрошувачи врз основа на нивното место на живеење. 

Како што соопшти ЕК, истрагата утврдила „неколку потенцијално забранети практики“ на блокирање на пристапот до „Епл Сторе“, „Епл Аркејд“, „Епл Мјузик“, „ајТјунс Сторе“, „Епл Бокс“ и „Епл Подкастс“ според географски принцип. 

Според резултатите од истрагата, потрошувачите се соочуваат со ограничувања бидејќи им е дозволен онлајн пристап само до интерфејсот изработен за земјата каде што ја регистрирале својата сметка на „Епл“, можат да плаќаат само со картички издадени во земјата каде што ја регистрирале нивната сметка на „Епл“ и им е оневозможен пристап до верзија изработена за друга земја, како и преземање апликации што се нудат во други држави. 

Регулативата на ЕУ против географски блокади забранува неоправдана дискриминација на клиентите во Унијата врз основа на нивната националност и место на престој или работа, кога сакаат да купат стоки и користат услуги од трговци лоцирани во друга земја членка на блокот. Директивата за услуги, пак, бара општите услови за пристап до услугата да не содржат дискриминаторски одредби кои се однесуваат на националноста или местото на живеење на примателот на услугата, освен ако не се директно оправдани од објективни критериуми. 

„Епл“ сега има рок од еден месец да одговори на наодите од истрагата и да предложи мерки за отстранување на идентификуваните практики. Во зависност од одговорот, ќе бидат одредени следните чекори во овој случај. Во меѓу време, националните власти можат да преземат мерки за да обезбедат отстранување на оваа неусогласеност. 

Мрежата ЦПЦ ја сочинуваат националните администрации за заштитата на потрошувачите на 27-те земји членки на ЕУ, Норвешка и Исланд. Таа има надлежност да истражува и да презема мерки во врска со прекршување на европската регулатива за заштита на потрошувачите. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан