• понеделник, 23 декември 2024

Еурофарм Пелистер против Архус ги почнува настапите во Европската лига

Еурофарм Пелистер против Архус ги почнува настапите во Европската лига
Битола, 25 октомври 2022 (МИА) - Македонскиот ракометен вицепрвак Еурофарм Пелистер вечер ќе го има европското деби оваа сезона, а ривал ќе биде осмопласираниот тим од данското првенство, Архус. Тренерот на битолчани Ларс Валтер вели дека тоа ќе биде огромен испит за тимот кој не одигра најдобро на дуелот против Пролет во домашното првенство. - Ако го гледавте натпреварот против Пролет, не сме баш спремни за Европа, затоа што игравме екстремно лошо. По десет дена без шест репрезентативци малку нарушен ни е ритамот, па затоа работиме денес и утре да се поправиме. Веќе денес тоа изгледа подобро и наша цел во вторник е победа. Видов многу натпревари на Архус оваа сезона. Не знам дали имаат проблеми, затоа што загубија многу натпревари со еден-два разлика. Во Данска секој од шеснаесетте екипи во Првата лига може секого да победи. Можеби имаат премалку бодови, но тие се добра екипа. Играа многу брзо и мора да бидеме подготвени. Кога нашите навивачи се тука и ќе ја исполнат оваа сала тие се секогаш во форма и можеме да научиме нешто од нив. Извонредно е тука и едвај чекам да ја почувствувам таа атмосфера, изјави Валтер. Капитенот Мирко Радовиќ очекува добра игра и резултатот со голема поддршка од трибините. - Добро се подготвуваме, направивме видео-анализа. Знаеме каква екипа ни доаѓа. Играат добро тимски, брзо се движи топката, тоа е таа данска школа на ракомет. Многу брзо играат, трчаат брз центар... Немаме многу време за подготовка, но ние знаеме каква екипа сме и што можеме. Во оваа атмосфера мислам дека имаме шанси и тоа ќе го покажеме во вторник. Ќе видиме колку ни одговараат со стилот. Во овој прв дел од сезоната немавме можност да се сретнеме со екипа која игра таков атомски ракомет. Но, мислам дека треба да се грижиме повеќе за нас и нашата игра. На нашата игра е акцентот. Во оваа атмосфера имаме што да покажеме и гледачите ќе уживаат како и на секој европски натпревар во Битола. Да покажеме каква екипа сме кога играме на домашен терен, рече Радовиќ. Почетокот на натпреварот од 1.коло во Лигата на Европа на ЕХФ од Д-групата е закажан за 20:45 часот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола. зс/

Остани поврзан