• понеделник, 23 декември 2024

„Еурактив“: Ерменија и Азербејџан ја понижија европската дипломатија 

„Еурактив“: Ерменија и Азербејџан ја понижија европската дипломатија 

Брисел, 24 октомври 2023 (МИА) - Две земји од Источното партнерство на Унијата во кои ЕУ вложи значителни дипломатски напори за да ги седне на преговарачка маса - Ерменија и Азербејџан, прифатија иранско посредување за мировни преговори и сега на разговорите во Техеран нема да биде присутна ниту една западна земја, туку Русија и Турција, наведува „Еуарктив“. 

- Зарем тоа не е понижувачко?, прашува авторот на колумната во бриселскиот портал, додавајќи дека ако мировните преговори во Техеран бидат успешни, заслугата затоа ќе ја има рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, а не претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, кој вложи многу време во посредничките напори меѓу Ереван и Баку. 

Иранското Министерството за надворешни работи во најавата на преговорите наведе дека земјите од регионот сакаат да разговараат за регионалните прашања „без мешање на нерегионални и западни земји“. 

Според порталот, како што јави дописникот на МИА од Брисел, ваквиот развој на настаните и не претставува големо изненадување, имајќи предвид дека напорите на ЕУ да посредува меѓу Ерменија и Азербејџан „не беа убедливи“, а дополнително и членки на Унијата бараа воведување санкции доколку ситуацијата се влоши. 

- Последниот чин се одигра неодамна во Нагорно-Карабах, кога Азербејџан – воено многу помоќен од Ерменија – за кусо време презеде контрола врз сепаратистичкиот регион, при што речиси целото етничко ерменско население од 120.000 лица побегна од енклавата во Ерменија, се додава во текстот. 

„Еуарктив“ наведува дека Ерменија се чувствуваше предадена од Русија, со која има потпишано одбранбен договор, но и од Западот, кој, според многумина, не вршеше притисок врз Баку затоа што се уште му треба азербејџанскиот гас. 

- Оставен без пријатели, Ереван се сврте кон Иран. Иако Техеран историски има лоши односи со Баку, Азербејџан ја прифати поканата за меѓународно посредување, во услови кога ќе биде присутна и Турција, нејзиниот регионален голем брат. Азербејџан неодамна ги отфрли разговорите со посредство на ЕУ токму затоа што на нив не беше поканета Анкара, туку Франција. Париз, особено, преставува проблем за Баку, затоа што го смета за премногу пристрасен во корист на Ерменија, се наведува во колумната. 

Авторот на текстот потсетува дека по „ерменскиот геноцид во Отоманската империја во 1915 година“, значителен дел од ерменското население побегнало во Франција, формирајќи една од најголемите ерменски дијаспори во странство, па така денес околу половина милион француски граѓани имаат ерменско потекло, додека самата Ерменија има околу три милиони жители. 

- Срамота е што Русија и Иран ја играат улогата на мировни посредници во соседството на ЕУ, во време кога руската армија ја пљачкосува Украина, додека Хезболах поддржан од Иран лансира ракети кон Израел од Либан, наведува „Еурактив“, прашувајќи дали би било големо изненадување доколку Иран или Русија утре посредуваат за ослободување на заложниците на Хамас во Газа? 

Според авторот на колумната, никој не би требало да биде изненаден доколку Русија ги истисне настрана САД и ЕУ, наметнувајќи се како предводник во мировниот процес на Блискиот Исток.

- ЕУ, која е создадена како мировен проект, е во поволна позиција да биде водечки мировен посредник во светот, особено во време кога ОН честопати се блокирани од две нејзини постојани членки на Советот за безбедност. Но, јасно е дека ЕУ е далеку од тоа, бидејќи трпи неуспеси дури и во сопственото соседство, да го спомнеме само неуспехот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово и покрај повеќе од 10 години напори. Затоа мировните преговори меѓу Ерменија и Азербејџан, со посредство на Иран, треба да ја алармираат ЕУ, заклучува „Еурактив“, додавајќи дека единствената утеха за понижената ЕУ е што Грузија, уште една земја од Источното партнерство на Унијата, во последен момент одби да учествува на разговорите чиј домаќин е Техеран. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан